Големи буџети, полни сали и атрактивна кошарка се само дел од широкиот спектар кој секоја година го нуди Европската клупска кошарка. Како по навика врвот го сочинуваат шпанските великани Барселона и Реал Мадрид, московска ЦСКА, Макаби Тел Авив, Олимпијакос и Панатинаикос.
Ви ги претставуваме делумно екипите кои ќе учествуваат во новата сезона 2014/2015.
ТУРЦИЈА (Фенер, Ефес Пилсен, Галатасарај)
Во кошаркарскиот крем полека но сигурно влегуваат и турските гиганти Ефес Пилсен, Фенербахче и Галатасарај, екипи кои ќе го бранат реномето на турската кошарка. Притоа, турците имаат и сериозни буџети кои неретко ги надминуваат и оние на НБА тимовите, а токму турската авио компанија „Туркиш ејрлајнс“ е генерален спонзор на Евролигата. Ако некогаш Грција и Шпанија беа „Меката“ за играчите со НБА искуство, сега Истанбул е омилена дестинација за секој квалитетен кошаркар.
Со стариот лисец Душан Ивковиќ, Ефес Пилсен ќе се обиде да јуриша кон самата завршница на Евролигата сезонава. По бледите лански настапи кога претрпеа дури 12 порази, „пиварите“ годинава го засилија својот ростер со Дрејпер од Реал Мадрид, Дарио Шариќ кој дојде од Цибона, искусните Перпероглу и Лазме од ПАО како и Ненад Крстиќ од ЦСКА Москва.
На другата страна од Босфорот, Галатасарај и Фенербахче кој потпиша договор со Богдан Богдановиќ, освен засилувањата ќе можат да се потпрат и на френетичната публика пред која паѓаат и најголемите тимови. Фенербахче го напуштија нашиот Бо Меккејлеб (на чекор од Емпорио Армани) и Бојан Богдановиќ (Бруклин Нетс), но д-р Жељко како што го нарекуваат навивачите и понатаму ќе може да смета на стрмоглаво висок буџет со кој ќе може да ги примами најдобрите играчи од Европа.
РУСИЈА (ЦСКА Москва, Нижњи Новгород)
Рускиот бајрак сезонава ќе го бранат ЦСКА Москва и Нижњи Новгород.
„Армејците“ од година во година стигнуваат до самата завршница но никако не успеават да го направат последниот чекор и да стигнат до толку посакуваниот трофеј. Новиот тренер Дмитрис Итудис кој е со договор до 2016 на располагање ќе има одличен состав, но и голем притисок врз себе да ја поведе ЦСКА до врвот, нешто што не им успеа на неговите претходници Месина и Вујошевиќ. Интересно, Итудис како помошен тренер на Панатинаикос веќе два пати ја освои Европската лига.
Милош Теодосиќ потпиша нов договор, московјаните го ангажираа и бекот на француската репрезентација Нандо де Коло, а од екипата замина само Ненад Крстиќ (Ефес Пилсен), така што костурот од лани е сочуван. Општо познато е дека сопствениците на ЦСКА не жалат пари па така многу лесно би можело да се случи Ник Калатес и Костас Кајмакоглу да пристигнат во Москва со што би се зголемиле апетитите на фановите.
За Нижњи Новгород, вториот претставник на Русија во ЕЛ, пласман во Топ 16 фазата би бил голем успех, па од таа причина регионалната ВТБ лига и сезонава им останува приоритет број еден. Нижњи е познат како „домашна“ екипа, состав кој најдобрите партии ги пружа на својот паркет.
ШПАНИЈА (Барселона, Уникаха, Реал Мадрид, Каха Лаборал)
Како во фудбалот, така и во кошарката, шпанските великани Реал Мадрид и Барселона играат доминантна улога.
Кралскиот клуб лани постави нов рекорд со дури 23 последователни победи во Евролигата. Со епитетот прв фаворит мадриѓаните отпатуваа во Милано на Ф4, таму во полуфиналето ја победија Барселона и кога сите ги видоа на тронот, Макаби со Блат им го зеде „скалпот“ и така „кралевите“ останаа со празни раце. Залудни беа во тие моменти сите пофалници кои Родригез, Љуљ и Фернандез ги добија како најдобро трио во сезоната.
Од минатогодишниот состав на Реал досега замина само Дрејпер, а првата петорка остана речиси непроменета, така што за очекување е тренерот Пабло Ласо повторно да биде на „слатки маки“ при формирањето на екипата.
Потенцијални засилувања: Владимир Мицов и Андрес Ночиони.
Каталонскиот гигант како по традиција секоја година го чекира својот билет за турнирот на најдобрите 4 екипи во Европа, и покрај слабиот старт. Веќе искусните Наваро, Дорси, Лорбек и Марсело Уертас, голема поддршка имаат во одличниот центар Анте Томиќ (лани со просек од 15,5 поени по натпревар), Папаниколау и Нахбар. За очекување е како и Реал, така и Барселона да го сочува костурот на екипата и со уште некое засилување да претендира за трофејот во елитното клупско натпреварување.
Потенцијални засилувања: Џастин Доелман и Ванѓелис Манцарис.
Како верна сенка на „вечните“ ривали се Уникаха, Лаборал и Валенсија, екипи кои редовно настапуваат во Евролигата и високо котираат кога пласманот во Топ16 фазата е во прашање.
ГЕРМАНИЈА (Алба Берлин, Баерн Минхен)
Дека не е само фудбалот популарен во Германија, докажаа и кошаркарските секции на Баерн Минхен и АЛБА од Берлин, тимови кои одиграа значителна улога во минатогодишното издание од Евролигата.
Алба на нашиот репрезентативец Војдан Стојановски, три години настапуваше во Еврокупот, за да минатата 2013-та, по три години апстиненција прикаже пристојна кошарка во Евролигата. Реџи Рединг, Левон Кандал и Војдан се ударните игли во тимот на Саша Обрадовиќ, тренер кој не успеа во финалето од германската Супер лига да го победи својот учител Светислав Пешиќ (Баерн Минхен). По стекнатото искуство од лани, голема е веројатноста сезонава Алба повторно да ги замрси сметките на некој од фаворитите.
Потенцијални засилувања: Демаркус Нелсон и Лео Вестерман.
Новиот договор кој Нихад Џедовиќ го потпиша со Баерн можеби е афирмација за неговите одлични партии минатата година. Џедовиќ во улога на капитен ги поведе баварците до триумф над Панатинаикос и ЦСКА Москва во натпреварите по групи, победи со кои Баерн покажа дека веќе нема да биде „топовска храна“ на Европска сцена.
Потенцијални засилувања: Деон Томпсон и Штефан Хаман.
ЛИТВАНИЈА (Жалгирис, Нептунас)
Ако за некоја земја може да се каже дека е земја на кошарката, тоа сигурно е Литванија. Од таа причина бордот на Евролигата и понатаму секогаш чува две места за екипите од оваа земја. Годинава, покрај славниот Жалгирис Каунас, историско учество во натпреварите по групи ќе земе и Нептунас.
Токму тимот од градот Клаипеда играше во финалето од Литванската Супер лига и беше поразен од Жалгирис. Како вице-шампион на Литванија, Нептунас доби карта за ЕЛ. Интересно, во тимот доминираат домашни играчи и има само еден странец, Американецот Тајрон Бразелтон. Сите останати играчи се со литванско потекло, нешто што е вообичаено за екипите од овој дел на Европа.
Жалгирис и официјално објави дека досегашниот тренер Гинтарас Крапикас ќе остане на кормилото на литванскиот гигант. Имено, Крапикас дури 20 години е во стручниот штаб на екипата од Каунас, што како помошен, што како главен тренер, а годинава ќе му помага и на Литванскиот селектор Јонас Казлаускас на СП во Шпанија.
ГРЦИЈА (Олимпијакос, Панатинаикос)
Сериозната финансиска криза во Грција допре и до кошарката. Великаните на европската кошарка Панатинаикос и Олимпијакос се обидуваат да останат во чекор со останатите богати клубови, но тоа се’ потешко им поаѓа од рака.
Ако некогаш како по дефиниција се знаеше дека атинските лути ривали ќе играат завршница, во последно време не е баш се’ така сјајно. Со заминувањето на Жељко Обрадовиќ, човекот кој на ПАО му донесе неверојатни 5 титули во Евролигата, како да заврши славната ера на „детелините“. На клупата се сменија неколку лица, по што стигна веста дека Душко Ивановиќ ќе го предводи ПАО во наредните 2 години. Клубот го напуштија ветеранот Мајк Батист (заврши кариера), Рамел Кари, Роко Лени Укиќ и Стефон Лазме (Ефес Пилсен). Во екипата останаа легендарниот Дијамантидис, репрезентативците Фоцис и Папас како и Џејмс Гист. Токму овие играчи се најсазлужни за тоа што Панатинакос повторно стана шампион на Грција.
Потенцијални засилувања: Јан Вујукас, Алесандро Џентиле, Маркус Слотер
Финансискиот земјотрес не се почуствува во Пиреја онака како што „дрмаше“ во ОАКА Арената, па така Олимпијакос продава, но и купува играчи. И покрај најавите дека може да замине во НБА, сепак Јоргос Принтезис реши да го продолжи договорот со Олимпијакос. Навивачите на популарниот Оли сеуште го паметат неговиот кош во последната секунда кога Олимпијакос пред 3 години ја освои Евролигата во финалето против ЦСКА во Истанбул (тогаш Антиќ беше дел од составот). Во тимот останаа уште и Данстон, Ложески и нивниот најдобар играч Василис Спанулис кој ќе биде дел од грчката селекција на СП во Шпанија.
Потенцијални засилувања: Александар Везенков, Михаел Брамос, Владимир Мицов, Давис Бертанс, Шон Џејмс;
ИТАЛИЈА (Емпорио Армани, Динамо Сасари)
Со сигурност може да се каже дека италијанската клупска кошарка се врати на Европска сцена, по неколкуте мизерни сезони кои екипите од Апенинскиот Полустров ги имаа. Емпорио Армани како наследник на славната Олимпија од Милано со успех игра во домашното првенство а веќе и ЕЛ не е енигма за составот предводен од шармантниот Лука Банти.
Алесандро Џентиле, Даниел Хакет и Николо Мели и понатаму ќе бидат ударното трио на Армани, а доколку во составот стигнат и потенцијалните засилувања Линас Клеиза, Мартинас Гецевичиус и Џани Лавал, тогаш многу лесно италијанскиот состав може да го гледаме во Топ16 фазата.
Динамо Сасари го приреди најголемото изненадување сезонава во Италија, откако стигна до трофејот во купот покрај фаворизираните Рома и Емпорио Армани.
Џеф Брукс и Дејвид Логан го понесоа најголемиот товар во борбата за купот и токму тие двајца се најзаслужни што Динамо Сасари доби покана од Евролигата за настап во предстојната сезона. Новото засилување Мирослав Тодиќ ќе биде уште еден адут на тренерот Ромео Сакети во обидот да се остави добар впечаток на Европска сцена годинава. Интересно, Динамо Сасари своите мечеви ги игра на Сардинија, место кое што неколку пати покажало дека сака да гледа квалитетна кошарка и секогаш ја полни салата со капацитет од 12.000 гледачи.
Израел (Макаби Тел Авив)
Навивачите на Тел Авив го обоија Милано во жолто и пристигнаа од сите краеви на светот за да го бодрат својот Макаби на Фајнал форот кој се одржа во градот на модата. Во конкуренција со Реал Мадрид, ЦСКА Москва и Барселона, ниту најголемите оптимисти не му даваа шанса на составот предводен од искусниот Дејвид Блат.
Сепак, дека кошарката знае да пружи вистински чуда покажаа токму Израелците. Во полуфиналето ја совладаа ЦСКА Москва, за во финалето да му ја симнат круната на славниот Реал и по шести пат да се качат на Европскиот трон. Дејвид Блат по овој успех замина во САД, каде во новата сезона ќе го предводи Кливленд, а на негово место во нов тренер на Макаби е промовиран Гај Гудес.
Од составот кој ја освои ЕЛ заминаа Рики Хикман, Тајрис Рајс и Џо Инглс а ветеранот Дејвид Блу ја заврши својата играчка кариера.
Потенцијални засилувања: Џереми Парго, Џастин Доелман, Карлон Браун;
Србија (Црвена Звезда)
По неколкуте дискутабилни одлуки околу тоа колку екипи од Јадранската лига ќе играат во Евролигата, бордот одлучи местото на шампионот Цибона да го додели на белградска Црвена Звезда. Загрепчаните во тешка финансиска состојба нема да го остварат сонот и по долги години повторно да заиграат во ЕЛ.
На нивно место, извршниот директор на ЕЛ Жорди Бартомеу реши да ја покани Црвена Звезда. Белградскиот состав по цели 20 години, лани повторно и’ се претстави на кошаркарска Европа. Пионир и белградска Арена беа полни на секој натпревар, а несомнено е дека така ќе биде и сезонава.
И покрај негодувањата од кошаркарската јавност, Дејан Радоњиќ остана тренер на Звезда а со него останаа и неколку играчи кои оставија најдобар впечаток лани. ДеМаркус Нелсон, Јака Блажич и Чарлс Џенкинс се играчите кои и натаму ќе мамат воздишки во преполната сала.
Поразот од Цибона во полуфиналето од Јадранската лига ја „разболе“ звездашката публика но како мелем на раната стигна веста дека Звезда и понатаму ќе биде дел од еминентото клупско натпреварување.
Од друга страна, редовниот учесник и лут ривал Партизан по цели 16 години нема да биде дел од европската клупска кошарка. „Црно-белите“ со кош во последната секунда загубија во полуфиналето од Ф4 во АБА лигата од Цедевита по што го загубија и правото на учество. Тоа значи дека Партизан сезонава ќе го напуштат некои од главните играчи како Бертанс, Вестерман, Саша Павловиќ и Гагиќ. Нивниот најдобар играч Богдан Богдановиќ беше избран на НБА драфтот од страна на Феникс Санс кои решија уште две години „бисерот“ да го калат во Европа (Фенербахче).