Го доби прекарот европскиот Брајант, одлично котира во пресрет на вечерашниот драфт и заедно со Кристапс Порцингис ќе бидат главни претставници од Европа меѓу првите 10 кошаркари. Мислењето на спортскиот директор на Цедевита, Матеј Мамиќ кој изјави дека Хезоња ќе биде право освежување за НБА го цитираат повеќе американски медиуми.
„Марио Хезоња е единствен играч на НБА драфтот кој верува дека би можел да го победи Коби Брајант во дуел еден на еден“, напиша Мамиќ на Твитер и доби на публицитет во САД.
Бекот шутер својата кариера ја започна во КК Дубровник, каде со 13,5 години заигра за сениорите и тоа против Цибона. Откако завршил основно училиште заминал во КК Загреб, а на ЕП до 16 години во Чешка ја доби наградата за најдобар играч на првенството. Марио Хезоња во 2012. година потпиша 3-годишен договор со Барселона, со која лани ја освои АЦБ лигата. За неговиот трансфер КК Загреб добил 150.000 евра.
На денот на драфтот Хезоња одлично се качува на листата, но поради казнениот тренинг во Барселона, ќе мора да го пропушти патувањето во САД. Индекс.хр веќе на големо ги пренесува информациите од САД според кои воопшто нема сомнеж дека Хезоња ќе биде избран меѓу првите 7-8 кошаркари.
„Хезоња се качува сè повеќе на листата. Се очекува да биде избран како четврти пик од Њујорк или петти од Орландо. Лично него му се допаѓаат и едната и другата опција“, вели Дејвид Пик, кој оваа информација ја добил од менаџерот на Хезоња, кој ќе мора да одработи казнен тренинг во Барса, после поразот од Реал Мадрид.
Во моментов подобро од Хезоња на НБА драфтот 2015 котираат само Карл-Ентони Таунс кој сигурно ќе биде првиот пик и кој ќе замине во Минесота Тимбервулвс. Волците имаат право на центарот, а во минатото веќе се офајдија на драфтот кога ги бираа Кевин Гарнет и Кевин Лав. Според таткото на Марио, идеална опција за неговиот син би била Минесота каде би играл со млади играчи како Ендрју Вигинс (лани прв пик), Рики Рубио, Џорџуи Диенг и Зак Лавин.
Како втор пик Лејкерси веројатно ќе го потпишат Џахил Окафор, трет е Д'Анџело Расел, бек шутер кој веројатно ќе игра за Филаделфија. Четвртото место на драфтот е предвидено за Летонецот Кристапс Порцингис кој би можел во Њујорк Никс кај Фил Џексон, а петтото место му припаѓа на Џастис Винслоу кој е пред вратата на Орландо Меџик.
Ментор на Хезоња ќе му биде Пеџа Стојаковиќ, кој изјави дека Хрватот има позитивна дрскост што е потребно за во НБА, затоа што лигата во спротивно „ќе го изеде“.
Минатата година, Дарио Шариќ беше избран како 12-ти пик на драфтот со што стана најдобропласираниот Хрват во историјата на НБА драфтот. За разлика од Хезоња, Шариќ се реши и следната сезона да игра во Европа, поточно во Ефес Пилсен кај Дуда Ивковиќ.
Чудото од играч, Марио Хезоња: