1984
Со тоа што на овој драфт Чикаго Булс го избра Мајкл Џордан како трет пик на драфтот, слободно ќе му го дадеме епитетот за најдобар драфт во историјата на НБА. Летечкиот Мајкл му донесе шест титули на Чикаго, а благодарение на него НБА лигата дефинитивно стана глобален светски бренд. Човек треба да е привилегиран што се родил во негово време.
Тука е и сјајниот нигеријски центар Хаким Олајџивон кој беше избран како прв пик на драфтот и кој на Хјустон му донесе две титули. Петти беше Чарлс Баркли кој го избра Филаделфија, а потоа играше во Феникс и Хјустон. Баркли беше дел и од два дрим тима. Како 16-ти пик Јута Џез го избра Џон Стоктон кој целата кариера до 2003 година ја помина за истиот тим и стана еден од најдобрите асистенти во историјата. Стоктон и Баркли не освоија титула во НБА лигата, а во тоа ги спречи Џордан.
1987
Три години потоа се случи НБА драфтот на кој Сан Антонио Спарс за прв пик го одбра Дејвид Робинсон, а со неговото доаѓање се случи и трансформацијата на Спарси со кои освои две титули. Петти беше Скоти Пипен кој го одбра Сиетл, но го трампаше во Чикаго. За осум години освои шест титули заедно со Џордан.
Овој драфт го донесе и еден од најдобрите шутери, а тоа е Реџи Милер кој беше избран од Индијана како прв пик и сите негови 18 години во НБА ги мина за Пејсерси. Тој не успеа да стигне до титулата, но освои злато на Олимписките игри и Светското првенство. Седми пик беше Кевин Џонсон во Кливленд, плејмејкерот кој беше препознатлив по атрактивните забивања. По една година замина во Феникс, каде ја заврши кариерата во 2008 година и потоа стана градоначалник на Сакраменто.
1996
Доста добра берба имаше и на драфтот во 96-та која се памети пред се по Коби Брајант кој го избра Шарлот како 13-ти пик, а потоа го трампаа во Лејкерси со Дивац. Историјата за Брајант вели пет титули со Лејкерси и две олимписки злата со САД. Прв пик на драфтот тогаш беше Ален Ајверсон кој го избра Филаделфија и која ја однесе до финале во 2001 година кога загуби од силниот Лејкерс.
Таа година се памети и по 14-ти пик Предраг Стојаковиќ кој го одбра Сакраменто. Српскиот кошаркар заедно со Владе Дивац и Крис Вебер беа фантастична тројка во НБА лигата. Стојановиќ пред крајот на кариерата со екипата на Далас стигна до и шампионски прстен. Меѓу овие кошаркарски асови беа и Реј Ален кој беше избран од Сиетл како петти. Потоа Ентоан Вокер, како шести пик од Селтикси и Стив Неш кој беше избран од Феникс како 16-ти пик. Штета што најдобриот канадски кошаркар кој потоа играше и за Лејкерси и Далас не освои шампионски прстен
2003
Најдобар студент на оваа генерација без конкуренција е Леброн Џејмс. Кливленд го одбра како прв пик на драфтот, а тој освои две шампионски титули во Мајами Хит. Во тој состав беше Двејн Вејд кој тимот од Флорида го избра како петти пик. Тука е и Крис Бош како четврти пик во Торонто од каде во 2010-та премина во Мајами. 2003-та ни го донесе и Кармел Ентони како 13-ти кој по осум години во Денвер, се пресели во Њујорк.