Доминикана ни носи двојна шанса за ОИ

Вечерва со почеток од 23:30 часот, кошаркарската репрезентација на Македонија ќе го одигра можеби најважниот натпревар на предолимпискиот квалификациски турнир. Победа над Доминиканска Република носи пласман во полуфиналето и две шанси за Олимписка виза.

По пласманот на првата позиција во групата Д, репрезентацијата на Македонија во четвртфиналето од предолимпискиот турнир ќе игра против Доминиканска Република.

Уште пред почетокот на овој турнир, Доминиканска Република беше вбројувана меѓу неколкуте „фаворити од сенка". Репрезентацијата е предводена од селекторот Џон Калипари, кој моментално е тренер на универзитетот во Кентаки, а во минатото три сезони беше тренер на Њу Џерси Нетс, за потоа една сезона да помине и во Филаделфија 76-ерс, како асистент на легендарниот Лери Браун.

Доминиканска Република, предводена од Ал Хорфорд и Џек Мартинез под кошевите, моментално е втора најдобра репрезентација според бројот на скокови на турнирот. Но освен во категоријата на скокови, Македонија има подобри бројки од Доминиканска Република во сите останати поважни статистички категории.

Ќе се сконцентрираме на сопирање на Хорфорд, но Доминиканска Република не е само Хорфорд. Тие имаат повеќе квалитетни играчи, искусен тренер и опасноста доаѓа од повеќе места. Најважна за нас е цврстината на нашата колективна одбрана, не само на центрите, мораме да пристапиме со многу внимание и да бидеме многу агресивни во текот на сите 40 минути. Доминиканска Република форсира брза игра со многу контакт, слично како што беше случај и со Порто Рико во подготовките. Тие натпревари ни беа добра лекција и јас верувам дека ќе успееме до посакуваниот триумф", изјави селекторот Лазовски.

Победникот од овој дуел во полуфиналето од предолимпискиот турнир ќе игра со подобриот од дуелот помеѓу Литванија и Порто Рико. Подобриот од полуфиналниот натпревар обезбедува пласман на Олимписките игри, а поразените од двете полуфиналиња ќе добија уште една шанса во меѓусебен дуел да одлучат за третиот патник за Лондон.