Данкан во последна секунда за триумф над Атланта

Во неизвесен натпревар со инфарктна завршница, Сан Антонио Спарс ја совладаа Атланта на Перо Антиќ со поените на Тим Данкан во последната секунда.

Сан Антонио и Атланта одиграа неизвесен натпревар во кој екипите дури 22 пати се менуваа во водство, а резултатот беше израмнет 17 пати.

Домаќините направија водство од седум разлика на три минути до крајот, но со тројките на Милсеп и Тиг, Атланта израмни на 100:100 кога на семафорот стоеа уште 4,7 секунди.

Одговорноста во свои раце ја презеде ветеранот Тим Данкан кој погоди на 0,4 секунди до крајот и ги постави конечните 102:100.

37-годишниот Данкан стана најстариот кошаркар во историјата на НБА кој имал учинок од над 20 поени и 20 скокови. На овој натпревар тој оствари 23 поени и 21 скок.

Кај Атланта се истакнаа Тиг со 19, Хорфорд постигна 18, а Керол 17 поени. Перо Антиќ повторно одмораше.

3 декември 2013 - 08:25