Евробаскет 2015

Црвено-жолто будење за прва победа на ЕП

Најдобрите македонски кошаркари направија голем чекор кон пласманот во втората фаза на ЕП во Хрватска, откако попладнево го совладаа директниот ривал за такво нешто, Холандија со 71:78.

Со 12 погодени тројки од 28 обиди, Македонија го разби холандскиот бедем под кошот и заслужено ги освои првите бодови во Загреб.
 
Под импресии од вчерашниот триумф против Грузија, репрезентацијата која првпат игра на ЕП после 25 години добро стартуваше и поведе со 7-2. Сепак, нашите брзо реагираа и со две врзани тројки ја стопија предноста на Холандија на 9-8.
 
Тотално израмнето се играше во првата четвртина која заврши 20-19, за со поените на Илиевски и Костоски, Македонија да направи серија од 10-0 и првпат резултатски да се одлепи 24-33. Одличната игра во нападот ни овозможи на паузата да имаме пристојни 12 поени разлика, 43-31. Во првиот период погодивме 7 тројки од 15 обиди. 

Холанѓаните се вратија на -5 во третата четвртина, 56-51 но нивната надеж кратко траеше затоа што нашите шутираа во транс за три поени и се вративме на +10 поени предност. До крајот, Холанѓаните само го ублажија поразот 78-71, а нашите ја прославија првата победа на ЕП. Најефикасни меѓу избраниците на Србиновски беа Владо Илиевски и Бојан Трајковски со по 14 поени, Александар Костоски уфрли 13. Одличен натпревар одигра и Ричард Хендрикс кој имаше 10 поени и 7 скокови. Војдан Стојановски запиша 11 поени.
 
Во редовите на Холандија Николас Де Јонг беше прв стрелец со 19 поени од кои дури 11 даде во првиот дел. Македонија го заврши дуелот со 57% успешност на шутот за 2 поени каде погодивме 17 од 30 обиди. За тројка имавме успешност 40% или 12 погодени од 30 обиди. Добар процент имавме и на слободните фрлања со реализација 8/14.
 
Триумфот против лалињата е уште позначаен, особено ако се има предвид дека сега имаме право и на пораз од Грузија со помала разлика од онаа со која славевме против Холандија. Во тој случај би се направил круг од три селекци, а пласман понатаму би обезбедила селекцијата со најдобра кош разлика.
 
Утре нашите ќе одмораат, имаат слободен ден. Следен противник е домаќинот Хрватска во вторник од 21 часот.