Честа да ти го повлечат бројот на дресот

Низ НБА поминале илјадници кошаркари, но само неколку од нив станаа бесмртни откако клубовите за кои играа, решија да го повлечат од употреба бројот на дресот кои легендите го носеле.

Шекил О’Нил - ЛА Лејкерс, Мајами Хит

12 кошаркари ја имаа привилегијата да им го пензионираат бројот на дресот така што го креваат под сводовите на кошаркарските сали. Последен кој влезе во избраното друштво е Шекил О'Нил кој после ЛА Лејкерс, овации доби и во Мајами каде го повлекоа од употреба бројот што го носеше Шек.

Чарлс Баркли - Филаделфија ’76ерс и Феникс

Кралот на скоковите е еден од оние кошаркари кои ја имаше таа „несреќа“ да игра во НБА во исто време со Мајкл Џордан, така што никогаш не ѝ се израдува на титулата. Меѓутоа, со одличните игри насекаде низ САД, Баркли ги воодушевуваше навивачите на Филаделфија 76’ерс и Феникс Санс. Неговата легендарна 34-ка се наоѓа под сводовите во двете сали.

Ерл Монро - Њујорк и Вашингтон

Монро и ден денес се смета за најдобриот кошгетер кој НБА го видела. Навивачите на Никс и Визардс сè уште го паметат неговиот фантастичен шут а по неговото пензионирање, тие ја забранија употребата на бројот 10.
 
Мајкл Џордан - Чикаго и Мајами

И покрај тоа што е најголем на сите времиња, ЕмЏеј титули и прстени му носеше само на Чикаго, а освен за Булси играше уште и за Вашингтон. Мајами е тимот кој покрај Чикаго ја повлече 23-та на Џордан иако нивниот дрес Мајкл никогаш не го облече.
 
Клајд Дрекслер - Портланд и Хјустон

Сигурно единствен за кого јавноста комотно можеше да прави споредби со Џордан. Дреклсер важеше за доминантен кошаркар на секој дел од теренот. Како и Баркли, така и Дрекслер мораше да се помири со фактот дека Џордан е најдобар, но стигна до еден прстен во кариерата. Бројот 22 веќе никогаш никој нема да го носи во Портланд и Хјустон.
 
Нејт Турмонд - Филаделфија, Кливленд

Во Филаделфија пензиониран е бројот 42, број кој го носел легендарниот Турмонд кој една сезона имал во просек 20,5 поени и 22 скока по натпревар. Својата богата кариера ја заврши во Кливленд, франшиза која исто свечено го тргна од употреба дресот со број 42.
 
Роберт Ление - Детроит, Милвоки

Изразот хекување во НБА е популарен во последните неколку сезони. Тоа значи намерен фаул над центарот кој не може да погоди обрач. Во времето на Ление никој не би се осудил да го фаулира, затоа што слободни фрлал како најдобрите играчи во лигата. Неговата 16-ка виси во салите на Детроит и Милвоки Бакс.
 
Пит Маравич - Јута, Њу Орлеанс

Пистол Пит ги полнел салите низ САД каде и да гостувал со неговата екипа. Седмицата која што ја носел е повлечена кај Џезерите и кај Пеликаните во Њу Орлеанс.
 
Џулиус Ирвинг - Филаделфија, Њу Џерси

Икона на Њу Џерси многу порано пред да стане НБА првак со Филаделфија. Доктор Џеј беше основоположник на забивањата од линијата за слободни фрлања.
 
Оскар Робертсон - Милвоки, Сакраменто

Големиот О („Big O“) во сезоната 1961/1962 имал просек од трипл-дабл на секој натпревар. Станал суперѕвезда уште како руки, а кошарката долго после него не видела така доминантен играч. Дресот му го повлекоа во Милвоки и во Сакраменто.
 
Карим Абдул-Џабар - Милвоки, Лејкерс

Ако се прашувате кој е најдобар стрелец во НБА на сите времиња, тогаш одговорот лежи во Карим Абдул-Џабар. Човек чијшто учинок му беше недостижен и на Џордан и на Дреклсер. Апсолутната доминација под обрачите знаеа да ја ценат во Милвоки и Лос Анџелес каде засекогаш бројот 33 ќе му припаѓа само на Карим.
 
Вилт Чембрлен - Голден Стејт, Филаделфија, ЛА Лејкерс

Просто е неверојатно дека и во оваа категорија може да има само еден, а тоа е Вилт Чембрлен. Единствен НБА кошаркар чија бројка веќе никогаш нема да се носи во Голден Стејт, Филаделфија и ЛА Лејкерс. Доволно е да се каже дека Чембрлен давал просечно по 50 коша по натпревар, така што неговата 13-ка ќе остане засекогаш само негова.