Натпреварот почна во знакот на браќата Стојановски кои беа единствените двајца кошаркари со постигнати поени по првите 7 минути. МЗТ тогаш имаше водство од 13:12, а водеше со два поени разлика со до истекот на последната секунда, кога домаќините погодија од линијата за три и ја добија првата четвртина со 22:20.
Неизвесна кошарка се играше и во вториот период кога кошаркарите на Цедевида полесно доаѓаа до поени и се обидуваа да остварат значајна предност пред паузата. На две и пол минути до крајот на полувремето ја имаа највисоката предност од 6 коша разлика, но Пипан побара тајм аут. МЗТ брзо се созема, Дејвис и Стојановски успеаа да поентираат, а по трите обиди за тројка конечно погоди и Ѓорги Чековски. На полувремето на семафорот стоеше 41:36 за хрватскиот состав.
На стартот од вториот дел Цедевита стартуваше со серија 4:0 која им ја обезбеди највисоката предност од 8 коша, а тоа беше најава дека домаќините размислуваат само на победа. Во третата четвртина се водеше поголема борба која нагостуваше неизвеснот до самиот крај.
По 5 минути игра Чековски ја направи четвртата лична грешка што беше прерано, но малата предност на Цедевита ја стопи Дамјан Стојановски со првата негова тројка. МЗТ Скопје играше постабилно во нападот и го одржуваше ремито во следните два напади одговарајќи со брзи поени. Третиот период беше израмнен 20:20, но повторно со +5 за Цедевита.
Идентично како третата четвртина започна и последната со 4 коша во низа за Хрватите и предност од +9. Избраниците на Алеш Пипан не се откажуваа и на 3 минути до крајот го однесоа во голема неизвесност мечот со двете тројки во низа на Стојановски и Николовски. Предноста на Цедевита изнесуваше само 2 коша.
На минута и 20 секунди Огнен Стојановски беше фаулиран, а натпреварот влезе во драматичен финиш, затоа нашиот кошаркар ги погоди двете слободни фрлања за резултат 76:76. Веќе во следниот напад Цедевита не реализираше, а МЗТ повторно преку две слободни фрлања, овој преку Гечевски премина во водство.
До крајот на мечот и Хрватите реализираа две слободни фрлања и резултатот повторно беше нерешен. Мечот го реши Огнен Стојановски со храбри два поени на три секунди до крајот кои за момент личеа на тројка, но сепак нашиот кошаркар ја згази линијата за три поени.
Во таборот на победничкиот состав четворица играчи имаа двоцифрен број на поени. Николовски 15, Дамјан Стојановски 14, а Гечевски и Огнен Стојановски реализираа по 13 коша. Најпрецизен на паркетот беше Билан со 19 поени, а нашиот плејмејкер Владо Илиевски поради повреда не беше во комбинација за настап.
За кошаркарите на МЗТ Скопје ова е шеста победа во седмиот настап со хрватските противници, што е одличен успех, ако се земе прведвид квалитетот на хрватската клупска кошарка. Следниот противник на македонскиот првак во АБА регионалното натпреварување е тимот на Игокеа на 22 февруари пред своја публика.