“Deal is done“

Бидна и најголемата трампа во НБА летово

Двете најсилни екипи од Источната Конференција ги разменија плејмејкерите (првиот и последниот избор од Драфтот 2011): Кајри Ирвинг оди во Бостон а Ајзеа Томас во Кливленд.

“Deal is done“ - работата е готова. Твитот на најдобриот инсајдер во историјата на НБА Адриан Војнаровски стигна некаде час и половина после полноќ по наше време синоќа и како да соопшти земјотрес во лигата.

Бостон и Кливленд се договорија да ги заменат Ајзеа Томас и Кајри Ирвинг но Кавси добиваат нешто повеќе затоа што со Томас во пакет ќе дојдат и Џае Краудер, Анте Жижиќ и првиот пик (незаштитен) на Драфтот 2018 од Бруклин Нетс.

Сево ова доаѓа по отворено изразената желба на 4-кратниот Ол-Стар да има главна улога во друга франшиза, далеку од Охајо и Леброн Џејмс којшто кажа дека е изненаден и разочаран. Кајри Ирвинг беше автор на решавачкиот кош во Game7 во финалето 2016 којшто на тимот од Охајо му ја донесе единствената титула во НБА историјата. Тој уште од јули „им намигна“ на другите франшизи со изјавата дека сака да замине.

КОЈ ШТО ДОБИВА А КОЈ ШТО ГУБИ?

Сигурно е дека Селтикс губат во „длабочина“ на ростерот но затоа може да сметаат на ефектот од својата верзија на Big Three (Кајри Ирвинг, Гордон Хајвард, Ал Хорфорд, Ол-Стар тројка). Во исто време Бостон ги заштити своите два улова од Драфтот: Џејсон Татум (2017) и Џајлен Браун (2016) а го сочуваа и незаштитениот пик од Лејкерс за Драфтот 2018.

Кливленд од друга страна останува многу силен во она што многумина го шепкаат како последна сезона во Охајо за Леброн Џејмс (му доаѓа МВП кандидат со неверојатна харизма - Ајзеа Томас).

За напомена, во првото коло од НБА на opening night играат токму Кливленд и Бостон, дуел кој ќе значи и прво враќање на Ирвинг во Охајо по трампата.