Атланта високо поразена во Лондон

Кошаркарите на Бруклин Нетс беа пресилни за екипата на Атланта Хокс која претрпе убедлив пораз од 127:110, вкупно 19-ти на 39 меча оваа сезона во НБА лигата. Перо Антиќ беше дел од стартната петорка.

Нетси ја имаа контролата во играта речиси на целиот натпревар кој се одигра во арената „О2“ во Лондон, а по неизвесната прва четвртина во која водеа 31:27, во втората почнаа да се одлепуваат резултатски и на полувремето заминаа со предност од 65:53.

Составот на Џејсон Кид го одржуваше високото водство во текот на целиот меч кое во последната четвртина изнесуваше дури и до 33 поени разлика, но Хокси успеаа да ја стопат предноста на Бруклин за конечни 127:110.

Најдобар поединец на паркетот беше Џо Џонсон со 29 поени, Андреј Блач постигна 20, а двоцифрен број на поени имаа и Пол Пирс со 18, Алан Андерсон со 15 и Кевин Гарнет со 12 коша.

Антиќ одигра солидна партија и за 23 минути оствари учинок од 11 поени, (4/5 од поле, 1/1 за три поени и 2/2 од слободни фрлања) потоа 5 скока и по една асистенција и украдена топка.

 

16 јануари 2014 - 23:24