Леброн Џејмс нема раат од Андре Игудала

Нема да освои МВП, но неговиот тренер веќе го прогласи за најголем адут во финалната серија. „Против Леброн секогаш носи најдобри одлуки, за што сведочат и 7-те асистенции и ниту една загубена топка", изјави Кер за Андре Игудала.

Нема да го изберат за МВП на финалето во случај Вориорс да стигнат до титулата, затоа што нема да биде популарен избор и нема да има голема медиумска покриеност. Пред него во редот стои Стефон Кари или Леброн Џејмс, кој во случај да го изберат и при пораз, би станал вториот МВП играч кој го загубил финалето после Џери Вест во '69 со Лејкерс.
 
Но ако се погледнат бројките, очигледно е дека ниту еден кошаркар на Голден Стејт нема такво влијание врз играта како Андре Игудала. Поранешниот играч на Филаделфија 76'ерс веќе е прогласен за МВП, но од својот тренер Стив Кер. Вообичаено сите се воодушевени од бројките на Леброн Џејмс, но ретко кој забележува колку Леброн се мачи да стигне до тие поени против физички силна одбрана и против интелигентниот Иги.
 

Уште поважно од играта во одбраната на Игудала е што не ја загуби ефикасноста во нападот. Со неговите 5 коша го приближи Голден Стејт до победата за 3-2, затоа што од +2 го доведе Вориорс до +7 на 4 минути пред крајот.
„Прави сè за екипата и е најдобриот дефанзивец што го чувал Леброн. Секогаш носи прави одлуки, а доказ за тоа се 7-те асистенции и ниту една загубена топка во финалево. Кога не го чува Џејмс, чува некој друг од шутерите и не му отстапува ни сантиметар. Навистина е страшен дефанзивец“, изјави Стив Кер после победата на ГС во Game 5.
Единствено што може да му се припише како маана се слободните фрлања (2/11 на последниот дуел), кога тренерот на Кливленд Дејвид Блат бараше од неговите играчи да го фаулираат само Игудала. 
„Ова е права битка, мора да бидам спремен. Ќе работам многу и во пресрет 6. меч кој може да ни донесе титула", изјави Андре Игудала кој од шести човек стана првотимец.

Титулата е на еден чекор, Игудала нема да добие МВП, но без него тој чекор на Голден Стејт сигурно ќе беше многу многу подолг.

Игудала е жива напаст на Леброн Џејмс: