Баш Ол Стар

369 поени и спектакл од тројки и забивања

Најдобрите светски кошаркари од Западната конференција во НБА ги совладаа колегите од Истокот 196:173 во мечот кој го одбележаа неколку рекорди и опростувањето на Коби Брајант.

Торонто, за првпат во историјата го гледаше спектаклот наречен Ол Стар. И тоа како имаше што да види.
 
Викендот започна со дуелот меѓу руки и софмор, па продолжи со страшните забивања и натпреварувањето во шутирање тројки, а синоќешниот дуел меѓу Истокот и Западот беше кулминацијата.
 
ИСТОК - ЗАПАД 173:195 (43:40, 47:52, 46:53, 37:51)
 
369 поени, доказ дека одбраната на овој меч речиси и да не постоеше, а Западните беа попрецизни во шутот од игра што им беше доволно за петта победа во последните шест години.
 
Дуелот на најдобрите ѕвезди во НБА мина со неверојатен процент на погодоени тројки. Публиката во Ер Центарот се држеше за глава после дури 51 погодена тројка!

Необично, најмногу тројки не уфрлија Стеф Кари и шампионот од саботата Клеј Томпсон, туку Пол Џорџ кој даде 9 тројки, а Расел Вестбрук и Џејмс Харден погодија по 7. Крис Пол 4.
 
Што се однесува до рекордите, Расел Вестбрук како ретко кој досега по втор пат по ред ја освои наградата МВП на Ол Старот. Последен пат тоа се случило пред 60 години, во сезоната 1948/59 кога Бони Петит на два пати го кревал МВП пехарот.
 
Најефикасен играч синоќа беше Пол Џорџ, човекот на кој му фалеше само еден поен да го сруши рекордот на Вилт Чембрлен од далечната ’65-та година.
 
На 66 секунди пред крајот од мечот, Коби Брајант тргна кон клупата и доби неверојатни овации од целата сала, Грег Поповиќ го извади, па сите играчи дојдоа до него да го поздрават. Коби даде 10 поени за 26 минути, Леброн уфрли 13 и го помина Коби на вечната листа во овој натпревар на сите ѕвезди.