Кладилниците ја добиваат битката со местачите

Водечките европски кладилници обединети под Европската спортска безбедносна асоцијација (ESSA) објавија дека ја добиваат битката со манипулаторите на спортски натпревари.

Во ESSA членуваат водечките интернет кладилници Bet-at-home, Bet365, Betclic, bwin, Digibet, Expekt, Goldbet, Interwetten, Ladbrokes, Paddy Power, Sportingbet, Stan James, Stanleybet, Unibet и William Hill, а под нив спаѓаат и 7.000 локални кладилници во Велика Британија.

Според нивните податоци, во 2012-та година биле забележани 109 сомнителни фудбалски натпревари, а по деталното испитување на информациите, само за 6 од овие натпревари биле пронајдени докази по што биле алармирани властите. Претходната година биле забележани 8 вакви случаи.

Но главниот проблем не е кај водечките европски кладилници, туку кај нелегалните кладилници во Азија. Затоа тие повикаа на поголема ангажираност од страна на властите и раководните лица во спортот.

Голем проблем кој им ја олеснува работата на местачите е доцнењето на платите на фудбалерите со што тие стануваат лесно поткупливи. Според извештајот на Унијата на професионални фудбалери FIFPro од 2012-та година, на 41,4% од анкетираните фудбалери од источна Европа им доцнеле платите, а 33,7% за својата плата требале да чекаат и до 6 месеци.

30 мај 2013 - 15:12