Фудбалерот на Манчестер Сити реагираше остро и гневно кога Русија пред нешто повеќе од еден месец ја нападна неговата земја.
Сега има нова реакција, овој пат со емотивно видео и порака за стоп на војната во која гинат цивили, меѓу кои и деца.
Реакцијата на Зинченко се случува откако се појавија масовни гробници во Буча во близина на Киев, каде се пронајдени 410 тела.
„Здраво, јас сум Олександер Зинченко, играч на Манчестер Сити и селекцијата на Украина. Јас не сум само украински фудбалер, туку и украински државјанин. Мојата земја се брани од руската агресија, а илјадници луѓе умираат. Руските војници веќе уништија неколку градови, а бомби и гранати паѓаат врз куќи на цивили. Роден сум и израснат во регионот Житомир. На 8 март, руската авијација го нападна Малин, град во близина на Житомир. Во еден од воздушните напади убиле петчлено семејство, вклучително и едно бебе. Имам ќерка и срцето ми се кине од помислата колку деца умираат на нејзина возраст и остануваат сирачиња. Веќе има повеќе од 140 убиени деца и ќе има повеќе ако некој не ја спречи оваа инвазија. Ве молиме зборувајте за тоа! Немојте да молчите додека малите деца умираат секој ден. Помогнете ни со вашите зборови и поддршка. Сопрете го Путин! Спасете ги украинските деца“, изјави Зинченко на Инстаграм.