Здравко Мамиќ испазарил фудбалери за 50, а ги продал за 160 милиони евра

Дупките во законите и прописите во фудбалскиот сојуз Мамиќ ги искористил и хрватскиот фудбал го ставил под своја контрола, а тоа му овозможило да се збогати од големиот број на трансфери за кои не плаќал данок, пишува Индекс.

За време на неговото 15 годишно владеење во Динамо Загреб, Мамиќ вкупно заработил 160 милиони евра, а истите играчи ги купил за 50 милиони евра. Тој е под истрага за затајување на данок, мито и корупција и додека синоќа го гледаше пријателскиот меч меѓу Динамо и Вардар во Словенија, хрватската полиција му ја претресуваше куќата во Загреб.

Според Индекс доколку е точно тоа што јавно се фалел дека во земјите од Европската унија продал играчи во износ од преку 100 милиони евра, со оглед на законите во Хрватска, тој имал обврска да плати 20% данок што значи дека ја оштетил државата околу 20 милиони евра.

Најголемиот трансфер во неговата ера е продажбата на Лука Модриќ во Тотенхем за сума од 21 милиони евра, а голема зделка направи и со Едуардо да Силва и Ведран Чорлука кои заминаа во Арсенал и Манчестер Сити, а на Мамиќ му донесоа вкупно 25 милиони евра.

Бразилецот Да Силва е единствениот играч кој му се спротивстави и кој договорите ги нарече лихварски, а не е познато уште на колку играчи успеал да им стави клаузула според која ќе заработува од секој нивни следен трансфер. Од звучните имиња се споменуваат Модриќ, Ковачиќ, Вукојевиќ..., но никој друг не се бунел до сега бидејќи со трансферот во поголем клуб си ја остварувал целта.

По продажбата на Едуардо, Мамиќ стана еден од водечките менаџери во регионот, но неговата менаџерска работа се косеше со неговиот статус во Динамо бидејќи на тој начин тој ја контролирал судбината на играчите преку својата агенција и преку клубот каде го има главниот збор.

Мамиќ бил во можност да ги крои договорите на фудбалерите кои ги застапувал лично тој, неговиот син или неговата агенција, а тие што имаа договори како натурализираниот Хрват роден во Бразил му даваа пари од нивната заработка. Тој тврдеше дека ја затворил агенцијата уште пред да дојде во Динамо, но истиот бизнис во следните 10 години го презел син му. Кога ќе го прашаа на таа тема полудуваше.


Најскапите 15 трансфери на Здравко Мамиќ:

1. Лука Модриќ во Тотенхем, 2008 година – 21 милиони евра
2. Едуардо да Силва во Арсенал, 2007 – 13
3. Ведран Чорлука во Манчестер Сити, 2007 – 13
4. Матео Ковачиќ во Интер, 2013 – 11
5. Дејан Ловрен во Лион, 2010 – 9,5
6. Марио Манџукиќ во Волфсбург – 9
7. Бошко Балабан во Астон Вила, 2001 – 6,8
8. Огнен Вукојевиќ во Динамо Киев, 2008 – 6
9. Јерко Леко во Динамо Киев, 2003 – 5,5
10. Тин Једвај во Рома, 2013 – 5
11. Домагој Вида во Динамо Киев, 2013 – 5
12. Ивица Олиќ во ЦСКА Москва, 2003 – 5
13. Милан Бадељ во Хамбург, 2012 – 4,5
14. Шиме Врсаљко во Џенова, 2013 – 4,5
15. Никола Покривач во Монако, 2008 – 3,5

3 јули 2015 - 18:12