На 27 октомври 2015-та Нагелсман со 28 години стана најмладиот тренер во историјата на Бундеслигата. Нешто помалку од година и пол потоа, Германската фудбалска федерација вчера го прогласи за најдобар тренер на сезоната.
Баерн Минхен го има Карло Анчелоти, Лајпциг е големо изненадување на втората позиција кој секоја година скока во повисок ранг, но наградата оди кај дечкото кој со втора година тренерски стаж во сениорска конкуренција им пркоси на сите.
Нагелсман на 20 години го скинал менискусот и ја завршил професионалната играчка кариера потоа како млад се фрла во тренерски води. Со тимот на Хофенхајм У19 стана шампион во Бундеслигата 2014-та, а една година потоа ги однесе во финале.
Кога минатата сезона стана предводник на сениорскиот клуб, Хофенхајм беше претпоследен на табела и му беа потребни 7 бода за да се искачи на 15-то место со кое се избегнува испаѓање од лига.
Во последните 14 кола, тој доби седум средби и остана во Бундеслигата, а оваа сезона е сензација. По 25 кола, Хофенхајм има скор од 11 победи, 12 нерешени и само 2 порази и се наоѓа на 4-та позиција која води во квалификациите за ЛШ. Пред нив е Борусија Дортмунд со еден и Лајпциг со четири бода повеќе.
29 годишниот стратег се служи со повеќето играчи кои се развиени во академијата на клубот. Од него се постари само голманот Александер Штолц, роден 1983та и Еуген Полански 1986-та. Во екипа има двајца негови врсници и дури 19 играчи кои се родени во 90-те.
Директорот на Германската фудбалска федерација изјави дека Јулиан Нагелсман е пример за тоа колку талентирани тренери има во Германија. И еден Зинедин Зидан има толкав тренерски стаж во сениорска конкуренција, но неговиот состав е скроен за трофеи и тука нема место за споредби.
Многу по адекватна би била споредбата со еден Симоне Инѕаги кој изненадувачки како тренер држи четврто место во Серија А со Лацио, пред Милан и Интер.
Листата на најмлади тренери во Европа по лиги изгледа вака:
1. Германија: Јулиан Нагелсман (Хофенхајм) 29 години
2. Португалија: Васко Сеабра (Пакош де Фереира) 33 години
3. Белгија: Јаник Ферера (Мехелен) 36 години
4. Украина: Роман Монариов (Зирка) 36 години
5. Турција: Игор Тудор (Кардемир Карабукспор) 38 години
6. Англија: Еди Хау (Бурнемут) 39 години
7. Русија: Виктор Гончаренко (ЦСКА Москва) 39 години
8. Шпанија: Марсело Ромеро (Малага) 40 години
9. Италија: Масимо Одо (Пескара) 40 години
10. Франција: Серџо Консеисао (Нант) 42 години