ОБАФЕМИ МАРТИНС (генерација 1984-та, сегашен клуб - Сиетл)
Поранешниот играч на Интер играше буквално во цела Европа. По настапите за Њукасл, Волфсбург, Рубон Казан, Бирмингем и Леванте, Оба Оба сега игра во американскиот Сиетл Саундерс.
Покрај настапите во МЛС лигата, Мартинс повеќе време ѝ посветувал на ќерката која што ја има од бракот со Абигаил Барвуа, позната како сестра на Марио Балотели.
ФРЕДИ АДУ (генерација 1989-та, сегашен клуб - Јагодина)
Со 14 години, некогашниот репрезентативец на САД дебитираше во МЛС. Го сметаа за најголемиот талент во неговата генерација, но освен рекордите како најмлад фудбалер, Аду не ги оправда очекувањата.
По краткиот престој во Бенфика, Арис, Бахија и Филаделфија, Фреди Аду ја изненади јавноста кога реши да потпише 18-месечен договор со српскиот прволигаш Јагодина.
АНДРЕС Д'АЛЕСАНДРО (генерација 1981-ва, сегашен клуб - Интернационал)
Со почетокот на новиот Милениум, Д'Алесандро имаше два прекари: првиот беше „новиот Марадона", а вториот „атомската мравка". На левоногиот играч за врска му предвидуваа богата кариера, но се испостави дека фудбалот во Јужна Америка му лежи повеќе од европскиот.
Аргентинецот моментално е капитен на бразилскиот клуб Интернационал од Порто Алегре.
АДРИЈАН МУТУ (генерација 1979-та, сегашен клуб - Петролул Плоешти)
Можеби најинтересно име на оваа листа е контроверзниот Романец. Како вундеркинс на 18 години замина во италијанскиот Интер, но на „Меаца" немаше место во нападот покрај Роналдо, Виери, Калон и др. Следеа позајмици во неколку клубови и кога конечно изгледаше дека Муту се пронајде во Челси, следуваше аферата со кокаин, кога Романецот падна на тест.
Челси реши да го раскине договорот, па Муту замина како слободен играч во францускиот Ажаксјо. Сонуваше да се врати во Фиорентина, но на крајот се задоволи со повраток во татковината. Сезонава игра во дресот на Петролул од Плоешти.
АМАНТИНО МАНСИНИ (генерација 1980-та, сегашен клуб - Виља Нова)
Колку добро играше во Рома, толку лошо Бразилецот се претстави во Интер и Милан. По стрмоглавиот пад во формата, Мансини се селеше во Атлетико Минеиро и Бахиа. Беше обвинет за силување, по што одлежа 2 години и 8 месеци во затвор. Сега игра од љубов во бразилската четврта лига за Виља Нова.
ФЕДЕРИКО МАКЕДА (генерација 1991-ва, сегашен клуб - Кардиф Сити)
Кога Фергусон го фрли во оган на 17 години, очигледно беше дека станува збор за страшен талент. Детето на Сампдорија не ги искористи своите пет минути и освен некој гол, не покажа ништо повеќе во дресот на Манчестер Јунајтед.
Се врати во Италија, каде играше за Сампдорија како позајмен играч од Јунајтед, но таму се загуби и себе и репрезентативниот статус. Во моментов е под 3-годишен договор со велскиот Кардиф.
ЈОАН ГУРКУФ (генрација 1986-та, сегашен клуб - Лион)
Најголемата француска надеж која некогаш заиграла во Милан, не успеа да ги купи навивачите и управата која за него плати 15 милиони евра. Бледите настапи и редовното седење на клупа го чинеа Гуркуф авионски лет назад за Франција. По авантурата во Бордо, од 2010. година е член на Лион.
ДИЕГО ФОРЛАН (генерација 1979-та, сегашен клуб - Черезо Осака)
Форлан го видовме одново летово, во дресот на Уругвај на СП во Бразил. Симболот на уругвајската репрезентација по заминувањето од Интер во Интернационал, речиси и да не одигра 5 натпревари. Се реши за ново поглавје во кариерата и ја прифати понудата на јапонскиот клуб Черезо Осака.
МАУРО ЗАРАТЕ (генерација 1987-ма, сегашен клуб - Вест Хем)
Некогашната ѕвезда на римски Лацио е уште еден во низата пропаднати таленти. Во периодот кога требаше да ја крене својата форма и да осигура место во репрезентацијата, Аргентинецот мака мачеше со договорите кои беа на негова штета.
По трансферот во Интер, замина во Велез Сарсфилд а од таму се врати во Европа и потпиша со Вест Хем.
НИКЛАС БЕНДТНЕР (генерација 1988-ма, сегашен клуб - Волфсбург)
Данецот повеќе го гледавме како прави селфи на интернет, отколку на зелените терени. Откако целосно го загуби трпението со него, Арсен Венгер одлучи да го позајми во Јувентус. Во Торино мистериозно го видовме 2-3 пати на клупата за резерви, по што Арсенал не му понуди нов договор.
Данецот сега игра во Бундеслигашот Волфсбург.
МАРКО ДИ ВАЈО (генерација 1976-та, сегашен клуб - Монтреал Импакт)
Поранешниот бомбардер на Парма и Јуве во 2012. година се пресели во американската МЛС лига, каде со голем успех настапува во дресот на Монтреал Импакт. Откако ја заврши професионалната кариера во Болоња, Ди Вајо му се придружи на Неста во Канада.
МИЛОШ КРАСИЌ (генерација 1984-та, сегашен клуб - Фенербахче)
Фудбалерот кој и по изгледот и по начинот на игра наликуваше на Павел Недвед, не успеа да се снајде во улогата „наследник на Чехот". Јувентус го продаде во 2012. година за 7 милиони евра во Фенербахче, но Турците брзо го позајмија во Бастија.
Високиот договор и добрата заработувачка беа причина Србинот да остане во резервниот тим на клубот од Истанбул, кој не можеше да му пронајде нов клуб.
ЏИБРИЛ СИСЕ (генерација 1981-ва, сегашен клуб - Бастија)
Познат по големиот број тетоважи и необични фризури, некогашниот француски репрезентативец се вдоми во екипата предводена од Клод Макелеле. Фудбалскиот пат го водеше во Ливерпул, КПР, Панатинаикос, Ал-Гарафа, Кубан Краснодар и Лацио. Во моментов најчесто е резервен играч на Бастија.
ВАЛЕРИ БОЖИНОВ (генерација 1986-та, сегашен клуб - Тернана)
Бугаринот може да му парира на Сисе по бројот на сменети клубови во кариерата. Фудбалските чекори ги започна во Лече од каде се селеше во Фиорентина, Јувентус, Парма, Манчестер Сити и други. Минатата година играше за Левски Софија а од летово е во италијанската Серија Б, каде настапува за Тернана.