За што е крив Манчестер Сити?

Премиер лигата потврди. Манчестер Сити е виновен за сите наведени финансиски прекршоци. Се работи за спорни договори во вредност од речиси 1 милијарда евра.

Соопштението на Премиер лигата открива детали за прекршоците на Манчестер Сити во периодот меѓу сезоните 2009/10 и 2017/18.

Интересот за него бил толку голем што веб-страницата на Премиер лигата првично паднала и станала недостапна. 

- Манчестер Сити склучувал фиктивни договори (кои лажно ја прикажувале вистинската спогодба меѓу договорените страни) со голем број комерцијални партнери, а се потпирал и на фиктивни договори со други страни, со цел вештачки да ги зголеми приходите и да ги намали трошоците на клубот.

- Клубот поднесувал неточни финансиски извештаи и ја криел вистинската состојба на своите финансии од ревизорите и од фудбалските регулаторни тела.

- Манчестер Сити значително ги прекршил ограничувањата за трошење утврдени како од Премиер лигата, така и од УЕФА.

- За време на истрагата на Премиер лигата, Манчестер Сити направил повеќекратни прекршувања на своите обврски за соработка и за постапување со највисок степен на добра волја кон Лигата (потврдени се три од четирите наведени прекршувања).

Инаку во извештајот на Премиер лигата е потенцирано дека контроверзните договори кои ги правел клубот се во вредност од речиси 1 милијарда евра.

Опишани се како дел од „шема за прикриено финансирање“.

Се наведува дека обвинувањата се однесуваат на далеку повеќе од 100 поединечни прекршувања на правилата на Премиер лигата, групирани во четири категории.

Премиер лигата официјално ја покрена постапката против Манчестер Сити во февруари 2023-та, после четиригодишна истрата.

Сепак, сè уште не е донесена одлука за казната што ќе биде изречена. За нејзе ќе се одлучува на посебно сослушување пред независна комисија, кое ќе се одржи во согласност со правилата на натпреварувањето.

Постапката ќе се одвива зад затворени врати и ќе остане доверлива сè додека Премиер лигата не одобри објавување на исходот. Манчестер Сити има право на жалба на наодите на комисијата, најдоцна до 2 октомври.

Од Премиер лигата изјавија дека намерата на Управниот одбор е целиот процес, вклучувајќи ги евентуалните жалби и објавувањето на  одлуките, да заврши што е можно поскоро.

30 септември 2026 - 10:01