Приказна за љубовта меѓу фармацевтската компанија Bayer и Леверкузен

Симпатичен клуб кој повеќе бил во горниот дел од табелата во елитната Бундеслига, отколку во долниот. Почнал како гимнастичарски клуб па основале фудбалска секција. Гигантот Баер и фудбалскиот клуб од Леверкузен.

Во последно време многу се зборува за австрискиот гигант Ред Бул, којшто спонзорира многу спортски колективи, од екстремен спорт и автоспорт, па се до хокеј и турнири во компјутерски игри.

А најпознато е нивното главно спонзорство на фудбалскиот клуб Лајпциг, учесник во Лига на шампиони и претендент за титулата во Бундеслига.

Оваа австриска компанија постои уште од 1984-та година, но од неодамна агресивно навлезе во спортот. А во соседна Германија, покрај Ред Бул, има уште една корпорација која повеќе од еден век го чува грбот на спортски колективи.

Фармацевтската компанија Bayer.

БАЕР 04 ПОЧНАЛ КАКО ГИМНАСТИЧАРСКИ КЛУБ, А ФУДБАЛСКИОТ ГО ОСНОВАЛЕ ПОРАДИ СКАНДАЛ

Компанијата е наречена Bayer во чест на основачот Фридрих Бајер кој ја основал фирмата во далечната 1863-та година.

Компанијата Bayer е специјализирана за производство на лекарства за луѓе и животнни, за агрохемиски препарати и други хемиски средства. Овој холдинг се наоѓа во најголемите топ 10 фармацевтски компании, со годишен обрт од околу 35 милијарди (убаво прочита) евра.

Седиштето на корпорацијата се наоѓа во градот Леверкузен и таму е најголемата светлосна реклама на светот.

На 27 ноември 1903-та година, над 150 работници во фабриката го потпишале заедничкото писмо до управата со предлог компанијата да основа спортски клуб. Луѓето „од горе“ ја прифатиле оваа идеја, им се допаднала и веќе следното лето Bayer основал сопствен клуб за гимнастика којшто го нарекле TuS Friedrich Bayer & Co 1904 Leverkusen.

На 31 мај 1907 година заживеала и фудбалска секција но во клубот во тоа време почнале сериозни расправии околу разните спортови. Најгласни биле гимнастичарите кои се скарале практично со сите останати членови од другите спортови.

На крајот се стигнало до тоа на 8 јуни 1928-ма година, неколку спортски секции да го напуштат клубот и да создадат сопствена спортска организација SV Bayer 04 Leverkusen или како што е ден-денес познат, Баер Леверкузен, а поради тоа што називот Баер има врска со комерциски субјект, затоа во УЕФА натпреварувањата го викаа(т) Леверкузен.

Во 115-годишно постоење Баер Леверкузен освоил само 2 значајни трофеи: Купот на Германија во 1993-та и Купот на УЕФА во 1988-ма.

А овој симпатичен клуб низ годините го доби прекарот „Неверкузен“ затоа што „Фармацевтите“ од Леверкузен дури пет пати завршувале втори во Бундеслигата а во една фамозна сезона изгубија финале на Лига на шампиони од Реал Мадрид, финале на германски Куп и трката за титулата во самиот финиш.

Притоа за последните 30 години Баер Леверкузен само три пати бил подолу од 10-то место. Секогаш е во горниот дел од табелата и важи за клуб од кремот на германскиот фудбал. Дури и Дортмунд и Шалке 04 повеќе пати завршувале под 10. место на табелата.

Bayer во 1958-ма година изградил и нов стадион за клубот. Екипата и ден-денес игра на „Бај Арена“ каде понекогаш игра и репрезентацијата на Германија.

БАЕР ЛЕВЕРКУЗЕН НЕ Е ЕДИНСТВЕНА ИНВЕСТИЦИЈА НА ФАРМАЦЕВТСКАТА КОМПАНИЈА ВО СПОРТОТ

Малкумина знаат дека во 1953-та година гигантот Bayer го купил фудбалскиот клуб Јурдинген 05 и веднаш по купувањето го нарекол Баер 05. До тој момент овој клуб повеќе од пола век играл скоро на аматерско ниво, но по доаѓањето на големата компанија, се качил неколку лиги погоре.

Во 1971-ва година Јурдинген ја освоил пониската Оберлига и се пласирал во втората Бундеслига. После четири години овој клуб сензационално го освоил третото место и се пласирал во елитната Бундеслига.

’80-те години биле златни за Јурдинген: го освоиле Купот на Германија и дури бронзено трето место во Бундеслигата, а исто стигнале и до полуфинале во Купот на Купови.

Во првата половина од ’90-те години, Јурдинген дури три пати го освојувал Интертото Купот а во 1995-та година гигантот Bayer го раскинал договорот со клубот. После тоа Јурдинген нагло паѓа дури до трета лига, а во 2005-та година доживува и банкрот. Во 2008-ма година управата го ставила клубот на продажба, а на аукција било и местото тренер на екипата.

НО НЕ БАШ СИТЕ ГО ЉУБАТ BAYER, ГИГАНТОТ КОЈ ПРАВЕЛ ДОПИНГ И ПРОИЗВЕДУВАЛ ХЕРОИН

И покрај големата љубов кон спортот, фармацевтскиот гигант има и дел од историјата кој не е баш на добар глас во Германија. Оваа компанија како што знаеме е специјализирана за производство на различни лекарства меѓу кои и некои забранети од властите.

Еднаш одамна компанијата дури и правела хероин без разлика што овој наркотик предизвикува страшна и брза зависност.

BAYER ПОМАГА ОЛИМПИЈЦИ И ПАРАОЛИМПИЈЦИ: СПОРТИСТИ СПОНЗОРИРАНИ ОД ОВАА ФИРМА ОСВОИЛЕ МНОГУ МЕДАЛИ

Фармацевтската компанија одамна е главен спонзор на спортистите со инвалидитет.

На параолимпијадата во Рио де Жанеиро, германските спортисти освоиле дури 6 златни медали, 6 сребрени и 3 бронза. Ова бил втор најдобар резултат на параолимписка Германија во историјата (рекордот им е 8+3+5 од Барселона 1992). Bayer ги поддржувал: златните медалисти Дитер Бауман, Арнд Шмит, Хајке Хенкел, Штефан Фолкерт и многу други.

На официјалниот сајт на компанијата Bayer може да ги видите следниве достигнувања на спортисти спонзорирани од фармацевтската компанија:

- 68 олимписки медали;
- 82 паралимписки медали;
- повеќе од 200 медали на светски првенства;
- повеќе од сто европски шампионски титули;
- повеќе од 800 шампионски титули во Германија;
- околу 45.000 членови на спортското друштво;
- спонзорство во 15 различни видови спортови.