За да купи паста за заби и крема го нарушил карантинот - тренерот на Аугзбург го пропушта стартот

На 16-ти мај фокусот на светот на спортот ќе биде свртен кон камбекот на една од европските топ5 лиги. Бундеслига се враќа со детален протокол.

Поради мерките кои DFL (Германска фудбалска лига) ги донесе во согласност со медицинските стручњаци, веќе „настрада“ маскотата јарец на Келн кој првпат после цели 11 години нема да може да излезе на домашен терен.

Од друга страна, тренерот на бундеслигашот Аугзбург Хајко Херлих ги нарушил правилата за карантин на цела екипа, го напуштил клупскиот хотел за да купи крема за раце и паста за заби.

Поради тоа тренерот ќе го пропушти мечот со Волфсбург викендов. Клубот соопшти дека „тренерот жали за грешката што ја направил“.

„Искрено погрешив што излегов од хотел. И покрај тоа што ги следев сите хигиенски мерки како при влезот во хотелот, така и се друго, јас не можам да се оправдам за постапката. Не можам да станам пример за тимот и јавноста во таква ситуација. Затоа ќе бидам доследен - нема да го водам тренингот во петок и нема да го водам тимот против Волфсбург во сабота“, рекол 49-годишниот Хајко Херлих.

Во следните денови, Хајко Херлих ќе пројде неколку тестови на коронавирус. После два негативни резутлати ќе може да им се врати на тренинзите на екипата. Херлих почнал тренерска кариера во младинскиот тим на Борусија Дортумнд во 2005-та, откако веќе раководел со јуниорската репрезентација на Германија.

Во сениорскиот фудбал Хајко влегол во 2009-та кога седнал на клупата на Бохум. Последно работно место му беше Баер Леверкузен кој го тренираше од јуни 2017 до декември 2018.

Тренерската кариера на Херлих, барем досега не е така успешна како играчката.

Тој како фудбалер ја освои Лигата на шампиони со Борусија Дортмунд, а по два пати стана шампион на Германија и го освои Купот на оваа земја. Играше уште и за Баер Леверкузен и Борусија Менхенгладбах.

Во 1995-та година Хајко Херлих стана најдобар стрелец во Бундеслигата. Играше класичен напаѓач.

Мечот против Волсфбург во сабота требаше да му биде дебитантски на клупата на Аугзбург. На 10 март стана тренер на овој клуб, на само пар дена пред првенството да биде суспендирано. Го замени Мартин Шмидт кој доби отказ.

Аугзбург сезонава досега има ужасна статистика: во последните 9 кола има 7 порази и само една нерешена. Екипата е на 14. место на само 5 бода од зоната за испаѓање која води во втора лига.

ГЕРМАНИЈА Е ДРЖАВА, ЗАТОА ПРВА ГО ВРАЌА СПОРТОТ НА ГОЛЕМА ВРАТА