Фудбалот е во изолација насекаде ширум светот. Во втор план го ставија дури и јужно-американците кои живеат за оваа игра, и Британците на кои можеш да им земеш сè, само фудбалот не.
Во моментов, до денешен ден 19-ти март, активни се фудбалските лиги во Австралија и Белорусија.
Австралијците одлучија на Јутјуб да ги пренесуваат натпреварите, ама за овој дел од светот тоа ќе значи станување после полноќ. Би се обложиле на ситно дека ќе има по некој таков цар што ќе гледа австралиско фудбалско првенство.
А-Лигата според распоред е близу до повеќето европски лиги, па така австралиските клубови имаат уште 6 кола до крајот на регуларниот дел од сезоната, пред почетокот на плејофот. Тамошната федерација реши да се игра без публика во што е можно пократок временски интервал меѓу натпреварите, со цел сезоната побрзо да заврши.
Но и таму имаше последици од Ковид-19, па така натпреварот меѓу Мелбурн Виктори и Велингтон Феникс е одложен поради тоа што двата клуба се во двонеделен карантин откако се вратиле од Нов Зеланд. Велингтон (клуб од Нов Зеланд) исто ќе мора да ги доигра своите натпревари во Австралија затоа што постојат рестрикции на патувања и затворени граници.
Велингтон ќе игра 6 меча за три недели кога нивниот карантин ќе заврши.
Ситуацијата во светот се менува од час во час, така што останува простор и австралиските фудбалски власти да кренат рампа ако така им наложи владата.
ИНТЕРЕСЕН СИСТЕМ НА НАТПРЕВАРУВАЊЕ
Како и МЛС, така и во австралиската А-лига нема испаѓање, па пола екипи скоро и да не играат одбрана. Затоа често гледаме еден тим да победи 3-0 па следно коло да изгуби 2-5 (освен Сиднеј кој сезонава растура).
А-лигата има 11 тима (од следната сезона 12). Три се од Мелбурн, 2 (+1 од следна сезона) од Сиднеј, 1 од Перт, 1 од Аделаиде, 1 од Бризбејн, 1 од Нов Зеланд (Велингтон) и два од Северен брег (меѓу Сиднеј и Бризбејн).
И да, фино е да споменеме дека тренер на Бризбејн Роар е Роби Фаулер. Тие се 4. место во моментов. Поранешниот италијански репрезентативец Алесандро Дијаманти игра за Вестерн Јунајтед од Мелбурн, шестопласиран тим.
БЕЛОРУСИЈА НЕ ОТСТАПУВА, А МОЖЕН ПРОТИВНИК НИ СЕ ВО ПЛЕЈОФОТ ЗА ЕВРО2021
Додека цел свет е во карантин, Белорусите се едни од малкумината кои избегнуваат мерки на сериозни ограничувања.
Во оваа земја и натаму ќе се игра фудбал, одлучи белорускиот фудбалски сојуз (АБФФ) со тоа што натпреварите ќе се играат со присуство на гледачи (ако има такви храбри глави).
Во Белорусија веќе денес (четврток 19. март) се играат два меча: Енергетик БГУ - БАТЕ, Солигорск - Жодино, а утре уште два Брест - Смолевичи и Динамо Минск - Рух Брест. Во петок, сабота и недела ќе се одржат уште седум натпревари.
Фудбалската сезона во Белорусија почна на 4 март кога во натпревар од Суперкупот играле Динамо Брест и Шахтјар Солигорск (2:0). После овој меч се играле и четвртфиналиња од Купот.
Репрезентацијата на Белорусија во јуни, според планот на УЕФА, ќе игра во баражот за Европско првенство 2021 против Грузија. Победникот од овој дуел ќе игра против победникот од мечот Македонија - Косово, исто закажан за во јуни.