19 месеци беше првотимец на Милан и најсакан играч во екипата. Во црвено-црниот дрес израсна, стана полнолетен, созреа играчки. Неговиот 18-ти роденден во клубот се прослави со сите почести а за стекнувањето возачка дозвола, управата му спреми и изненадување во најнов џип.
Откако му заби нож во грб на клубот кој полека се издигнува од летаргијата, многу навивачи се присетуваат на примерите на Пол Сколс и Марек Хамшик кои ги избркаа лукавите менаџери кога ги притискале за повеќе пари да ги напуштат клубовите.
Како се движеше кариерата на Донарума на „Сан Сиро“:
„Ова дете е феномен, предодреден да биде најголем. Никогаш во кариерата не сум видел нешто слично“, изјави Синиша Михајловиќ, поранешен тренер на Милан кој му даде шанса да дебитира на 16 години во сезоната 2015/2016.
16-годишниот Џиџо беше трет голман во екипата зад Диего Лопез и Абијати, но Србинот кој внимателно го следел на тренинг реши да ја скокне хиерархијата и веднаш по мечот Торино - Милан каде Диего Лопез бранеше слабо, му наредил на Донарума да се спреми.
Една недела подоцна, на 25. октомври 2015-та во 9. коло од Серија А на „Сан Сиро“ првпат на голот застана Донарума. Милан го победи Сасуоло 2-1 (Берарди го матираше Џиџо). Детето од Неапол со 16 години и 8 месеци стана вториот најмлад дебитант на Милан во Серија А.
Веќе на 7 ноември 2015-та, светот разбра за феноменот: Практично сам ја спречи Аталанта да победи во Милано (0-0) благодарение на неговите одлични паради.
21. ноември 2015-та: Уште една монструозна претстава, овојпат во Торино против Јувентус. Бјанконерите славеа 1-0 со голот на Дибала, па така Донарума еден месец по дебито го доживеа првиот пораз но се сретна со својот идол Џиџи Буфон.
31. јануари 2016-та: Првото градско дерби за Џиџо кој стана најмладиот првотимец во историјата на „Дерби дела Мадонина“. Росонерите славеа 3-0 а Донарума „го хипнотизираше“ Икарди кој промаши пенал (статива) за 1-1.
Во меѓувреме селекторот на Италија У21 Луиџи Ди Биаџо му ги отвори вратите од репрезентацијата: Донарума дебитираше за „Аѕурините“ на 24. мат 2016 во победата од 1-4 против Ирска. Донарума тогаш имаше 17 години и 28 дена и стана најмлад репрезентативец во историјата на Италија У21.
На 21. мај 2016: Милан во финалето на Купот против Јувентус. Се играа продолженија каде Мората му ја сруши надежта на Донарума за прв трофеј во црвено-црниот дрес.
21. август 2016: Донарума ја почна новата сезона во голем стил и во 95’ минута од мечот со Торино му одбрани пенал (негов прв во Серија А) при резултат 3:2 и му донесе на Милан три бода. Тогаш стана и најмладиот голман кој фатил пенал во А.
1. септември 2016: Уште еден магичен датум - Донарума дебитираше за Италија. На пријателска против Франција влезе во 46’ минута место Буфон. Тогаш имаше само 17 години и 189 дена и стана најмладиот голман што бранел за Италија.
20. ноември 2016: По неверојатните одбрани против Јувентус кога Милан победи 1:0 (Локатели), стигна и првиот пораз од Интер. При 2-2 во судиско продолжение Перишиќ го совлада Џиџо и му донесе победа на Интер.
23. декември 2016: Пак Јуве, овојпат во Доха за Супер Купот на Италија. Донарума бранеше како мачка на пеналите (му фати на Дибала) и му се израдува на првиот трофеј со Милан.
Од тој момент стана идол на навивачите на Милан.
8 фебруари 2017: Милан оствари ’историска’ победа откако ја победи Болоња 1:0 со само 9 играчи на теренот. Монтела тогаш врза серија неколку победи а Донарума 4 меча по ред не прими гол.
25. февруари 2017: Џиџо наполни 18 години а следниот ден како полнолетен пак бранеше против Сасуоло против кого дебитираше 16 месеци претходно. Милан победи 1-0 а Донарума го спречи Берарди од пенал да ја уништи забавата.
10. март 2017: Моментот кој денес најмногу ги боли тифозите на Милан.
После суперхеројската партија на Донарума, Јувентус неправедно победи после спорна ситуација ури во 97’ минута и ги разгневи навивачите на Милан. На крајот од мечот, Донарума кој бранеше надчовечки, го бакна грбот на дресот и уште повеќе ги освои Миланистите.
28. март 2017: Првпат застана на голот на Италија како првотимец на пријателска против Холандија. Селекцијата на Вентура славеше 2-1 а Џиџи стана најмладиот првотимец кој почнал од 1-та минута во репрезентацијата.
2. април 2017: Првиот сериозен кикс на Донарума во кариерата. На мечот против Пескара, стоперот Палета незгодно му врати една топка, Донарума трапаво се обиде да ја смири, му помина под нога и влезе во голот за 1-1. Џиџо тогаш добро ги прими критиките и шегите на негова сметка и не се лутеше.
По триумфот од 4-0 против Палермо кога Донарума изгледаше дека го оставил киксот зад себе, Милан во следните 7 меча победи само еднаш (против Болоња). Росонерите губеа од Емполи, Рома и Каљари а ремизираа со Кротоне и Аталанта. Џиџо со право беше бесен на одбраната.
Последно коло од Серија А, на 28. мај 2017 и веројатно последниот меч на Донарума во дресот на Милан. Росонерите изгубија 2-1 против Каљари а поминаа 19 месеци од дебито на феноменалниот голман Џанлуиџи Донарума.
15. јуни 2017: Средба меѓу управата на Милан која беше спремна на екстремно богат договор за младиот голман и агентот Мино Рајола којшто по неколку недели конечно го убеди Донарума да не остане во Милан. Џиџо не ја прифати понудата од клубот а му останува уште една година до истекот на договорот. И сега?