Војдан против Данкан, Паркер и Џинобили

Македонскиот репрезентативец со АЛБА Берлин во среда од 20:00 часот ќе се измери против Сан Антонио Спарс, во рамките на Глобалните НБА игри ширум светот.

По освоениот Шампионски куп со АЛБА во дуелот против Баерн Минхен (76:68), Војдан Стојановски ќе може да ги измери силите со актуелниот НБА шампион, Сан Антонио Спарс, кој ќе гостува во О2 Арената во главниот град на Германија.

Со настапот против „мамузите“, Војдан ќе стане вториот Македонец што некогаш играл против НБА тим, откако Пеце Наумовски во 1990-та година со Сплит играше против Њујорк Никс. Турнеата на најдобрите НБА тимови почнува во среда со дуелот АЛБА Берлин - Сан Антонио, а продолжува на 11-ти кога Мајами Хит ќе игра против Кливленд Кавалиерс во Рио Де Жанеиро, во натпревар меѓу Леброн Џејмс и неговиот доскорешен тим со кој ја освои НБА лигата. Истата вечер Сан Антонио ќе гостува во Истанбул, на мегдан против Фенербахче Улкер.

Во пресрет на натпреварот меѓу АЛБА и Сан Антонио Спарс, организирано е и дружење на играчите и тренерите со околу 60 деца од различна националност, кои живеат во Берлин. Спарси се сликаа и со Лари О'Брајен трофејот пред Брандебуршката Порта. Во меѓувреме, Војдан Стојановски и соиграчите имаа прилика да се запознаат и со првата жена помошник тренер во НБА лигата.

„Имавме неколку дена за одмор пред спектаклот со Сан Антонио. Сите со нетрпение го очекуваме мечот и се надевам дека ќе играат во најсилен состав. За мене и моите соиграчи ќе биде чест да се игра против играчи какви што се Тим Данкан, Ману Џинобили, Тони Паркер и другите. Немам треба, но и тоа како сум возбуден. Натпреварот ќе биде од ревијален карактер, но ќе имаме екслузивна можност да играме против најдобрите американски и светски играчи“, изјави Војдан Стојановски за Нова Македонија.

Во Евролигата, АЛБА Берлин и Војдан Стојановски се во групата Б, каде за противници ќе ги имаат ЦСКА Москва, Уникаха, Лимож, Макаби Тел Авив и Цедевита. Првиот дуел, германскиот тим ќе го игра дома на 17-ти октомври, против „армејците“ од Москва.

НБА Глобални Игри:

8. октомври: Сан Антонио Спарс - Алба Берлин - Берлин, Германија 20:00 по локално време;

11. октомври: Сан Антонио Спарс - Фенербахче Улкер - Истанбул, Турција, 18:00;

11. октомври: Кливленд Кавалерс - Мајами Хит - Рио де Жанеиро, Бразил, 22:00;

12. октомври: Бруклин Нетс - Сакраменто Кингс - Шангаи, Кина, 07:00;

15. октомври: Бруклин Нетс v Сакраменто Кингс - Беижинг, Кина, 13:30;