Во шпанска Ла Лига ќе има фудбал 32 дена по ред, Серија А се враќа од 20 јуни

На 11-ти јуни во Севиља ќе се случи рестартот на најдобриот шпански клупски фудбал. Фудбалските власти во оваа земја решија да има предозирање со оваа убава игра.

Марка го објави календарот на Ла Лига до крајот од сезоната (Ла Лига во меѓувреме го потврди). Фудбал во Шпанија ќе се игра од 11 јуни и тоа нон-стоп без престан 32 дена.

Да, 32 дена по ред!

Првиот натпревар е закажан за 11-ти јуни кога треба да се одигра жестокото градско дерби Севиља - Бетис на „Рамон Санчез Писхуан“.

Ла Лига, во соработка со шпанската фудбалска федерација планира многу жесток ритам: натпревари да се играат на секои 2-3 дена, а колата да бидат скратени на 3-4 дена растојание. Во таков режим ќе се одиграат сурови 8 кола од 28-мо до 36-то.

Двете финални кола во завршницата ќе се одиграат во ист термин, што е нормална пракса за Шпанија.

Планираат 37. и 38. коло да стартуваат на 15 и 19 јули.

Според ова, секоја екипа ќе има најмалку 72 часа размак меѓу натпреварите. Првенството официјално треба да заврши на 19 јули (и после две-три недели ќе се доигруваат еврокуповите каде има неколку шпански клубови - ЛШ и ЛЕ).

ЌЕ СЕ ИГРА ВО ПЕТОК И ПОНЕДЕЛНИК И ТОА БЕШЕ ГЛАВНА ТЕМА НА ДЕБАТА

Ла Лига долго време војуваше со Шпанската фудбалска федерација за правото натпреварите да се играат и во понеделник и петок. Шпанската федерација дури и решила прашањето да го однесе на суд, но на крајот после нови преговори се донела компромисна одлука да има фудбал и во понеделник и петок.

Претседателот на RFEF Луис Рубиалес сметал дека натпреварите во понеделник и петок ќе им го отежнат секојдневниот живот на навивачите.

СЕРИЈА А СЕ ВРАЌА

Конечно ќе гледаме и италијански фудбал. Од 20 јуни се враќа Серија А, соопшти италијанскиот министер за спорт Винченцо Спадафора.

Раководството на лигата денес ќе одлучува дали ќе се рестартира со заостанатите натпревари од 25 коло, одложено непосредно по почетокот на глобалната пандемија, или да се играа цело 27 коло.

Ќе има нови саатници: Серија А ќе гледаме од 17:15, од 19:30 и од 21:45.

29 мај 2020 - 11:39