Фијаското на Германија на Светското во Русија е минато. Таму се мисли и се зборува одново за фудбал и на големо се навива. Бундеслигата се враќа на сцена на 24 август, ама затоа викендов стартуваше новата сезона во трета и четврта лига.
Се разбира дека тоа не е истиот квалитет како што го нуди прволигашниот фудбал, ама интересот е огромен и покрај тоа се работи за помалку клубови. Сликите од овие стадиони се да се воодушеви човек.
Првиот меч на четирикратниот германски првак Кајзeрслаутерн во новата сезона го следеа неверојатни 41.324 гледачи, кои се радуваа на победата против Минхен 1860 од 1:0. Тоа се два поранешни бундеслигашки гиганти кои се пресметаа во третата германска лига.
Кајзерслаутерн за прв пат во својата историја испадна во трета лига поради финансиски проблеми, а Баварците од четврта лига се искачија еден ранг погоре и имаа поддршка од 7.000 навивачи кои отпатуваа на гостување.
Во третата лига голема гостинска поддршка имаше и Ханса Рошток која отпатува со 2.600 свои поддржувачи. Му гостуваа на Енерџи Котбус кој славеше со 3:0 пред 15.000 публика. Ајнтрахт Брауншвајг и Карлсрух играа пред 20.000 навивачи. Какви се тоа бројки.
Во Германија се навива страствено дури и во четвртите регионални дивизии кои не се сметаат за професионални, а ги има во билтен кај нас. Борусија Дортмунд Аматери имаа гостинска поддршка од 1.000 навивачи кои направија пиротехничко шоу.
#Borussia #Dortmund "amateur" #ultras away at Bonn in the fourth tier Regionalliga #BVB pic.twitter.com/jJYzTlfVEK
— Matt Ford (@matt_4d) November 12, 2017
Унион Берлин пак имаше пријателски меч против англискиот второлигаш КПР во Лондон, а таму во еден глас пееја 2.000 германски грла.
Union Berlin fans at QPR today. pic.twitter.com/JPtdSN1nYB
— Away Days Videos (@AwayDaysVideos) July 28, 2018
Само како паралела дека фудбалот се игра за навивачи, а не за парадери кои одат дотерани на стадион само за да се сликаат, во САД на таканаречениот Интернационален куп на шампиони се собра елитата на европскиот фудбал и пак не успеа да привлече внимание кое се очекуваше.
Мечот меѓу Борусија Дортмунд и Бенфика го видоа 16.717 гледачи, два и пол пати помалку од третолигашкиот Кајзерслаутерн - Минхен 1860, а далеку од распродадени беа и мечевите на Манчестер Јунајтед против Милан, Клуб Америка и Сан Хозе.
Американците се напалија на англиското дерби Манчестер Јунајтед - Ливерпул 1:4 кое се играше пред 101.000 навивачи кои имаа карти на располагање меѓу 54 и 254 долари.
Посетеноста на стадионите во Германија од изминатиот викенд покажува дека на вистинските навивачи не им се потребни хаштагови и имиња на брендови. Тие одат на стадион од љубов кон својот клуб без разлика во која лига игра. Нивниот апетит за фудбал е голем како и секогаш.