Со хет-трикот пред 10 дена, Душан Влаховиќ стигна до гол број 25 во 2021-ва година, што е рекорд во последниве 60 години за играч на Фиорентина. Ги мина и легендите Батистута и Тони.
Плус тоа му е втор хет-трик во Серија А, колку што имаат Тоти, Ибрахимовиќ, Шевченко и Кристијано Роналдо, а има 21 година.
Неговите извонредни партии и убиствениот инстинкт за гол едноставно му наложуваат трансфер во клуб со шампионски амбиции. Нешто од кое речиси и да нема бегање.
Но тоа тешко дека ќе биде Арсенал, клуб кој и по и пред времето на Венгер не умее да ги пронајде шампионските патеки. Уште се радуваат на онаа легендарната која францускиот стратег им ја донесе во 2004-та.
За европските успеси подобро да не зборуваме, што значи им преостанува само тазе успехот во ФА Купот од лани, кој од 2014-та го освојуваат по четврти пат.
Според Џанлука Ди Марцио кој важи за еден од најголемите експерти и инсајдери за трансфери во Италија, Арсенал се обидувал да стапи во контакт со Душан Влаховиќ, но тој, односно неговите агенти вели дека нема ни да им кренат телефон.
Српскиот центарфор има договор со Фиорентина до јуни 2023-та, но одби да го продолжи, па постојат можности Виолетовите во јануари да му извадат 80 милиони евра, сума која според Ди Марцио се спремни да ја платат и Топџиите.
Во Фиренца постои страв дека Влаховиќ веќе е договорен со нивниот голем ривал Јувентус и дека ќе ги отфрли сите други понуди, нешто слично како со Федерико Киеза.
Влаховиќ е силна мета на европските гиганти и само прашање на време е кога ќе го видиме во голем клуб. Летово Атлетико Мадрид понуди 70 милиони евра.