Кога новите рангирања на ФИФА излегуваа во текот на годинава, пишувавме дека Македонија е на 141-во, па 146-то и на крај по трите порази во најновите квалификации и на 155-то место од кое мислевме дека нема да има полошо.
Но ете ја излезе најновата ноемвриска ранг листа на ФИФА од која нè удри дамла. Македонија загуби од Шпанија во 4. коло од квалификациите за СП и тој пораз ни донесе пад од седум места и 162 позиција на табела.
На избраниците на Игор Ангеловски добро им тргна на играчки план во овој квалификациски циклус, но бидејќи нормално на крај се бројат резултатите, тие ни носат разочарувачки и очаен изглед на ранг листата на ФИФА.
Овој пат не поминаа фудбалски непознаници како Белизе, Аруба, Кинески Тајпеј, Танзанија и Малезија, а Косово кој скоро почна да се натпреварува во квалификации е само три места под нас.
На врвот на листата останува Аргентина, Бразил е втор, Германија трета, а потоа следуваат Чиле, Белгија, Колумбија, Франција, Португалија, Уругвај и Шпанија.
Со оглед на тоа што до крајот на годинава нашиот национален тим нема повеќе активности, се надеваме дека во следното декемвриско рангирање нема да оствариме нов негативен рекорд како “круна“ на годината.