Во Германија имаше верзија дека токму поради тоа што им изостана поддршка, домашните екипи во првите кола после рестартот, изгубија многу бодови.
Во Европа размислуваат како да го вратат познатиот хук и звук од трибините: во Премиер лига планираат да го позајмат звукот од навивачи од FIFA 20, во Данска на трибините намонтираа големи видеобимови на кои навивачите го гледаат својот клуб во живо преку платформата Зум.
Ама најдалеку отиде Вердер Бремен на кого му треба поддршка најмногу од сите бундеслигаши зошто екипата е во зоната на испаѓање и игра катастрофален фудбал.
Во клубот смислиле како да создадат ефект на домашна арена со навивачи иако на стадионот од еден тим периодов може да има околу 20 луѓе - стручниот штаб и резервните играчи.
Поради тоа што на резервните фудбалери и стручниот штаб во Бундеслига им е дозволено да седат на трибините, оние на Вердер реагираат најбучно на секоја шанса или судиска одлука: скокаат, викаат, се бунат, свират.
На мечот против Волфсбург, им текнала уште една иновација: на клупскиот физиотерапевт Клас Бенте му дале чекан и железна канта - при секој удар во кантата вадел звук како навивачки тапан.
Сите резерви, тренери и лекари правеле атмосфера како на трибините да има малубројна ама гласна публика.