Величествен пречек на Златко Далиќ во родниот крај на БиХ

Десет дена по финалето на Светското првенство, за Хрватска повторно се слави. Односно славјето никогаш не ни престана, а овој пат фештата продолжи во Ливно, БиХ каде што е роден селекторот на Хрватска кој стигна до историското сребро во Русија. Преку 50.000 го пречекаа.

На граничниот премин меѓу Хрватска и БиХ кај местото Каменско синоќа имало застој и за влез во Босна се чекало повеќе од еден час. Причината за гужвата е Златко Далиќ, херојот на хрватската, ама и на босанската нација каде е роден тој.
 
Според проценките на локалните власти, во Ливно се собрале меѓу 50.000 и 60.000 луѓе за да го пречекаат селекторот кој го направи најголемиот успех за хрватскиот фудбал. Освен локалците, во Ливно имало и Хрвати, како и луѓе од дијаспората.
 
За збирно место го одбраа стадионот на фудбалскиот клуб Троглав, каде Далиќ ги направил првите фудбалски чекори.
„Јас сум еден од вас и никогаш не заборавив од каде сум и каде почнав. Знам со колку трпение и емоции навивавте за хрватската репрезентација. Не сме светски прваци, но знаете дека момците дадоа сè од себе. Кога човек ќе види волку емоции кај народот, јас реков, јас сум дел од овој народ. Овој народ е мојата снага“, рече Далиќ
Посебно возбуден беше и неговиот татко Иван Далиќ.
„Никогаш не се надевав дека еден ден ќе доживеам ваков пречек за Златко и дека вака ќе се веселиме. Вакво нешто не сме доживеале во фамилија“.
На бина беше качен и легендарниот Чиро Блажевиќ кој го испофали Далиќ за успехот.
„Далиќ направи национално чудо. Милион млади манифестираа патриотски набој со овој феноменален резултат што го постигна Далиќ со неговиот тим. Успехот на Далиќ и репрезентацијата има повеќеструкно значење. Гледајте само колку млади луѓе дојдоа да го поздрават својот херој во Ливно. Јас како негов учител сум пресреќен кога ученикот ќе го надмине учителот. Од најголемата институација ФИФА доби признание за најдобар тренер. Значи ме надмина. Верувајте дека сум среќен за тоа“, рече легендарниот селектор на Хрватска кој го освои третото место на СП 1998.

25 јули 2018 - 10:43