Важен триумф на Вардар за трето место на табелата

Во неизвесен и тесен натпревар, ракометарите на Вардар остварија победа на гостувањето против Пиг Сегед. Блескава партија на Милиќ и Македа.

Унгарците се покажаа како доста незгоден противник, но класата на Вардар и одличното второ полувреме во кое клучни на паркетот беа Македа и Душабеав, како и Милиќ на голот им ја донесе осмата победа на Црвено-црните во 13. коло од Лигата на шампионите.
 
Вардар и Пиг Сегед одиграа неизвесни 30 минути во првото полувреме кое 11 пати донесе нерешен резултат. Двете екипи правеа многу технички грешки и никој не успеа да направи поголема предност од два гола разлика. Голманите беа во втор план.
 
Пиг Сегед имаше минимална предност од 14:13 на пауза, но Вардар влезе доста мотивиран во второ полувреме во кое ја оправда фаворитската улога на мечот. Милиќ почна да влегува во одлична серија на интервенции, а Вардарци ја градеа предноста.
 
Највисокото водството го остварија во 48 минута кога имаа предност од 25:19. Потоа се опуштија малку во играта, но не дозволија пресврт на мечот и на крајот триумфираа со 31:29.
 
Милиќ го заврши мечот со 13 одбрани, Македа постигна 8, а Душебаев 5 голови.
 
Следниот викенд во сабота, Вардар во Јане Сандански го пречекува Монпеље на последниот меч во групната фаза пред стартот на четвртфиналето.
 
На табелата Барселона е прва со 21 бод, Кјелце има 19, Вардар 16, Пиг Сегед и Рајн Некар по 15, Монпеље 7, Кристијанштад 5 и Колдинг 4. 
28 февруари 2016 - 20:10