Вилфред Заха, кој е роден во Брегот на Слоновата Коска, а има англиски пасош, кариерата ја почна во Кристал Палас пред пет години. Во 2013 година за време на јануарскиот преоден рок, Фергусон му даде шанса да заигра на „Олд Трафорд“.
За тогаш 20 годишното крило, Јунајтед плати 11 милиони фунти, но за две години влезе на само два меча и тоа како замена. Неговата плата во Манчестер изнесуваше 3 милиони фунти годишно или 35.000 фунти неделно, а за кам бекот во Кристал Палас, Црвените ѓаволи добија обесштетување од 3 милиони фунти.
Англиските медиуми пресметаа дека Заха одиграл 28 минути или поточно тоа го чинело клубот 400.000 фунти на една одиграна минута.
Инаку Заха во меѓувреме беше позајмен во Кристал Палас и тој беше дел од тимот кој преку плеј-оф мечевите во мај 2013-та, обезбеди пласман во Премиер лигата. Потоа се врати и одигра четири меча под водство на Мојс, а беше на позајмица и во Кардиф.
Со синоќешното затворање на пазарот за играчи, Заха потпиша пет и пол годишен договор со Кристал Палас и практично се врати во клубот каде беше уште од 12 години, а има одиграно и два меча за англиската фудбалска репрезентација.