По мечот со Албанија, стадионот „Младост“ во Струмица беше домаќин и на последниот натпревар на Македонија во групата Г.
Оправдана е фаворитската улога, совладан е Лихтенштајн и на крајот завршуваме како петти во групата иако по прикажаната игра, особено против гигантите заслуживме повеќе.
Избраниците на селекторот Ангеловски тргнаа офанзивно, се редеа шансите на Пандев, Несторовски и Барди, а резултатот го отвори големата надеж на нашата селекција, младиот Висар Муслиу кој имаше феноменално деби против Италија.
Се играше 36’ минута кога Алиоски добро нафрли од корнер а Муслиу беше највисок и со глава погоди за 1-0. Гол-првенец за фудбалерот на Вардар. Интересно, тоа беше и прв гол вечерва на 10 дуели од квалификациите.
Не чекавме многу на нов гол. Алек Трајковски покажа дека игра во супер форма откако го даде и третиот гол во серија за репрезентацијата а втор за нашите на вечерашниот меч. На паузата заминавме со 2-0.
Ѕвезда на вечерта беше Енес Барди кој на неколку наврати доби аплаузи и скандирања на неговот име од публиката, пред се поради партиите кои ги пружа во Примера сезонава.
Вториот дел донесе нови напади на нашите фудбалери, приликите се редеа една по друга, и тоа беше најава за ново тресење на гостинската мрежа. Токму Барди во 66’ минута го даде својот дебитантски гол за сениорскиот состав на асистенција на Трајковски. Полуволеј за високи 3-0.
Веднаш по тоа, на 4 минути откако влезе во игра после неколку години суспензија, Аријан Адеми при еден напад, сам ја зема топката, нанижа тројца противнички фудбалери, даде убав гол за 4-0 и заплаче од среќа. Феноменален гест на селекторот Ангеловски кој му овозможи на фудбалерот од средниот ред повторно да се осети сигурен меѓу своите после неправедната суспензија поради допинг.
Македонската фудбалска репрезентација ги заврши квалификациите на 5. место го 15 дадени и 15 примени голови. Во нашата група вечерва Италија се провлече со 0-1 во Албанија и ќе оди во баражот, Шпанија рутински со 0-1 го затвори гостувањето во Израел и како прва ќе патува на Светското 2018 во Русија.