Неапол важи за град кој живее за фудбалот, но ѕвездите од нивниот омилен тим ги немаат сите привилегии. Веќе неколку познати имиња од екипата на Наполи, како и нивните семејства имаат проблеми со најверните навивачи кои вршат кражби во нивните куќи.
Најтазе е случајот со Федерико Фернандез кој по неделното гостување во Каљари не се усреќил кога се вратил дома. Домот му бил целосно растурен, а меѓу многуте предмети кои му фалеле крадени биле два компјутери и два телефони.
Пред неколку дена фудбалерот од средниот ред Валон Бехрами бил повикан на суд и го познал лоповот кој му го украл скапиот часовник. Тоа се случи минатата година кога Бехрами бил пресретнат на улица додека влегувал во својот автомобил.
Во грабежите се вмешани навивачите кои им се одмаздуваат на фудбалерите со образложение дека не присуствуваат на забавите кои ги организираат, а според пишувањата на италијанските медиуми главен нарачател на кражбите е познатата наполитанска мафија Камора.
Најголема жртва до сега е Марек Хамшик кој се соочи со две кражби, а не беше поштедена ниту неговата сопруга која останала без нејзиниот часовник вреден 18.000 евра.
Со слични такви ситуации додека настапуваа за Наполи се соочија и Кавани, како и понежните половини на Лавеци, Ароника и Фиделеф, а за сега се чини дека е безбеден нашиот Пандев.