Постапката која УЕФА ја започна против ФК Работнички по минатогодишниот натпревар против Лацио, конечно доби завршница, но не каква што се надеваше управата на клубот. Првичните информации велеа дека Работнички ќе добие само условна и парична казна, но сепак тие заработија суспензија.
ФК Работнички нема да смее да игра во Европа следниот пат кога ќе се квалификува за едно европско натпреварување, а оваа казна истекува по четири години. Клубот исто така ќе треба да плати и казна од 30.000 евра.
Фудбалерите кои беа позитивни на супстанцата 4метил-2хексанамин, Дино Најдоски и Милован Петровиќ заработија суспензија од една година, односно тие поголемиот дел од суспензијата веќе го одлежаа и на теренот ќе се вратат следниот месец.
Физиотерапевтот Дарко Велчевски ќе паузира три, а докторот Михајло Ивановски е суспендиран на две години.