Конечно почнаа да се исплатат 20-годишните вложувања на Орце Тодоров кој оваа сезона засилен со уште еден спонзор го предводат Хоризонт Здравје до врвот на македонскиот фудбал.
Турново има симпатично стадионче со еден од подобрите терени во Македонија (потврда за тоа се и големиот број на одиграни меѓународни натпревари во младинските конкуренции) на кој дополнителен шмек му дава калливиот приод до стадионот и поминувањето покрај околните дворови со кокошки и останати животни, а стадионот има мала, по втор пат покриена трибина (пред некое време покривот го оддува ветер) со четири реда столчиња.
Единствено нешто што на Турново му недостасува се повеќе жители. Според последниот попис, Турново има 941 жители што го прави најмало населено место со лидер во фудбалските првенства во Европа (ако не ги сметаме Фарските Острови).
Од поголемите лиги во Европа најпознат ваков пример е Хофенхајм. Есенскиот првак во Бундеслигата од сезоната 2008/09 потекнува од село со 3.272 жители.
Во првата македонска лига свои претставници имаат и Џепчиште со 4.051 и Боговиње со 6.328 жители, а селото Џепчиште дури може да се пофали и со шампионската титула на Ренова од сезоната 2009/10.
И додека на врвот на табелата во првата лига е екипата на Турново, на само десетина километри од нив на стадионот Младост во Струмица, своите натпревари ги игра екипата на Беласица. За жал еден од најстарите македонски фудбалски клубови и двократен вицешампион кој ги произведе Горан Пандев, Ацо Стојков, браќата Горан и Роберт Попови, Горан Мазнов... сега игра во трета лига.
Реалноста на македонскиот фудбал во моментов е таа што во првата лига свои претставници имаат Турново, Џепчиште и Боговиње, во втората лига се натпреваруваат екипи од Милетино, Новаци, Миравци и Врапчиште, но свои претставници во првите две лиги немаат Куманово, Велес, Струмица, Кочани...