Герет Бејл (Тотенхем)
Екипата на Тотенхем не успеа да избори пласман во Лигата на шампионите и ќе мора да се задоволи со настап во Лигата на Европа исто како и изминатава сезона. Тимот од Лондон во своите редови го има човекот кој од незапирлив лев бек се трансформираше во најдобар голгетер за Тотенхем кој сезонава постигна 21 гол и стана трет најдобар стрелец во Премиер лигата. Сите европски гиганти го посакуваат во своите редови, а најголем интерес покажа Реал Мадрид. Доколку не го продадат, „Спарси" ќе мора да издвојуваат 130.000 фунти неделно и наредната сезона за него, но доколку не обезбедат пласман во најелитното фудбалско друштво и идната сезона, Велшанецот тешко дека ќе остане.
Луис Суарез (Ливерпул)
На уругвајскиот напаѓач му недостасуваа само 3 гола за да се измрани со најдобриот стрелец оваа сезона во Англија, Робин Ван Перси кој постигна 26 гола. Во досегашните 3 сезони Суарез годинава одигра најдобро и постигна најмногу голови, а токму тоа е причината поради која Јувентус, Баерн и Реал го посакуваат во своите редови. Неговиот вистински предизвик сигурно дека не е Лигата на Европа, а само со трансфер во поголем клуб може да биде дел од елитната Лига на шампиони.
Маруан Фелаини (Евертон)
Фудбалерот од средниот ред на Евертон се повеќе воодушевува со неговите партии, а оваа сезона му беше најуспешна и најефикасна во нападот во кој помогна со одлични 11 погодоци. Фелаини е моментално еден од најдобрите белгиски фудбалери и со своите 25 години се наоѓа во најзрелата возраст за да ги покаже своите квалитети во Лигата на шампионите. Постои можност по 5 сезони тој да го напушти Евертон и со тимот на Манчестер Јунајтед од есен да дебитира во Лигата на шампионите.