Маурицио Сари со поголем или помал успех ги водеше Наполи, Јувентус и Челси. Освои неколку пехари но никогаш и никаде јавноста не го видела посреќен на терен од неделата вечер.
Неговиот тим поведе со 2-0 уште после 19’ минути игра (Милинковиќ-Савиќ и екс романистот Педро), па Рома и Мурињо беа во нокдаун иако намалија на 2-1 во 41’ минута преку стоперот Ибањез.
До крајот од мечот Фелипе Андерсон го зголеми водството на Лацио на 3-1 а Верету од пенал ги постави конечните 3:2.
Домашните навивачи (условно домашни зошто беа побројни поради номиналното домаќинство на Лацио) во голем стил ја прославија победата. Тренерот Сари неизмерно среќен ја држеше во рака орлицата.
Win the Derby della Capitale, celebrate with the 🦅 pic.twitter.com/MnM5C7v70M
— CBS Sports Golazo ⚽️ (@CBSSportsGolazo) September 26, 2021
Вака не се радуваше ни кога со Челси освои Лига Европа со Јуве скудето:
„Дербито секогаш е борба. Напнатоста надвладува дури и ако пробуваш да го сочуваш мирот. Адреналинот и радоста просто ја преоѓаат мерката, тоа се посебни емоции! После мечот просто отидов кај северната трибина за да им заблагодарам на нашите навивачи. А Хуан ми даде ракавица и ми ја стави Олимпија на рака - многу емотивен момент!“, изјавил Сари после мечот.
Како што погаѓате, Олимпија е името на орлицата која повеќе од 10 години е прекрасна маскота на Лацио. А Хуан е Хуан Бернабе, шпански одгледувач на птици кој работи во клубот Лацио и кој се грижи за оваа великолепна птица.
„Првиот полет се случи во 2010-та против Милан. Секој прелет на Олимпија по стадионот за мене е волшебен настан. Зошто тоа е дел од историјата на Рим, во такви моменти се чувствувам како центурион“, вели Шпанецот Хуан и додава:
„Кога Олимпија лета над трибините, гледам кон навивачите и многу од нив плачат. Сум прашал некои зошто плачат. Ми викаат дека ги совладуваат многу силни емоции. Некого летот на орлицата ги потсеќа на татковците и дедовците со кои оделе на фудбал.
Луѓето на Олимпико чувствуваат радост или носталгија. А јас чувствувам одговорност: ако Олимпија не е на својот подиум, навивачите го сметаат тоа за лош знак. А знаете колку се навивачите суеверни“.
Маурицио Сари е исто така многу суеверен но на денот на римското дерби Олимпија се приземјила точно кога било потребно - да се прослави големиот триумф над вечниот ривал.
Орел на грбот низ историјата имаат многу држави, градови, институции, организации, клубови. Меѓу фудбалските колективи орел или орлица на својот стадион чуваат уште и Ајнтрахт Франкфурт (од 2006-та година орелот Атила го отвора секој домашен меч на екипата). Прв жив орел на стадионот пред еден натпревар во Франкфурт, за мотивација на своите играчи донел легендарниот Клаус Томпелер во 1993-та година. (Го паметиме Топмелер по тоа што го одведе Баер Леверкузен до финале на Лига на шампиони против Реал Мадрид).
Интересно два меча на Лацио и Ајнтрахт Франкфурт во Лига Европа во 2018-та беа одбележани од лет на орелот и орлицата.