Малиот клуб Кротоне сезонава првпат играше во Серија А, но вечно беше прикован за дното на табелата и на почетокот на месец април се најдоа во катастрофална положба: Само 3 победи и 14 бодови од 29 меча! Беа на минус 8 од местото кое носи спас.
Во последните девет меча на Кротоне му преостана да игра практично со главните екипи од првата половина на табелата: Јувентус, Милан, Интер, Лацио, Торино и Сампдорија. Тогаш тренерот на екипата, Давиде Никола којшто претходно го внесе Ливорно во Серија А на времето, изјави:
„Ако се спасиме, ќе тргнам на точак од Кротоне до Торино“.
И оние кои одлично ја владеат географијата, немаат претстава каде точно се наоѓа Кротоне во Јужна Италија: Торино е на крајниот север, а Кротоне доле на крајниот Југ во Калабрија. 1.300 километри пат.
Во само два месеци се случи чудо: Кротоне излезе од зоната на испаѓање, во последните 9 кола собра повеќе бодови отколку шампионот Јувентус (20 од 27 можни а Јуве 18 од 27 можни), па тренерот Давиде Никола потврди дека ќе стои на зборот и го спремал велосипедот.
Оваа приказна е чудесна во секој детал. Прво, изненадувачки е што ниту после кошмарните резултати Никола не го избркале од клубот и тоа пази, во лига во која Палермо ги менуваше тренерите буквално секој месец.
Второ, Кротоне ја почна сезоната без главните ѕвезди кои година дена претходно му помогнаа да се „докопа“ до Серија А. Трето, на стартот на сезоната Кротоне беше принуден да игра на неутрален терен поради крајно банална причина:
Малиот симпатичен стадион на Кротоне стои на место кое се смета за историски вредно наследство под кое има разни делови од старо-грчки зданија. За стадионот да биде по стандардите на Серија А морале да решат цел куп документација за дозвола.
Четврто, се се реши во последното коло кога имаше драма. Пред мечот на сезоната против Лацио, Кротоне беше во зоната за испаѓање а Емполи пред нив со бод повеќе. Палермо кој во тој момент веќе беше испаднат во втора лига и не му требаше за ништо освен за углед, играше против Емполи и неочекувано победи 2-1 за Кротоне да остане во Серија А по триумфот над Лацио.
Успехот за историски опстанок во лигата беше прославен еуфорично на Југот, а Давиде Никола седна на велосипед и тргна по Италија.
Неговото патешествие го пренесуваше телевизијата Sky кој спреми специјална емисија. Никола влегувал во градови и села каде поминувал низ играчката и тренерската кариера: На пример, за Џенова на 19 гоодини дал гол во финалето на итало-англискиот Куп - чуден турнир на времето на кој играле по 8 екипи од Италија и Англија а финалето се играло на Вембли.
„Кога кажав дека ќе поминам 1.300 километри на велосипед, тоа беше просто знак дека верувам во екипата. На играчите им требаше таков знак. Кога се спасивме, не можев да го погазам зборот кој го слушаа тие луѓе. Инаку целата приказна немаше да има смисла ако не тргнев“, вели тренерот на Кротоне Давиде Никола.
Сепак, авантурата на Давиде не беше проста забава за народ, туку имаше и примеса на тажна мисија со трагична позадина.
Возењето го завршил во неделата во Вигоне - градче под Торино, каде пред три години загина синот на Давиде. Алесандро имал само 14 години и бил на велосипед кога го згазил автобус и детето загинало на лице место. Оваа мисија Никола ја посветил на син му, на шампионот од MotoGP Ники Хајден, и на шампионот на Џиро д’Италија Микеле Скарпони - сите тројца загинале кога на велосипед ги удрила кола или автобус.
„Никогаш не сакам да зборувам за тоа што му се случи на Алесандро. Секогаш бидете внимателни. Болката од загубата на син ми ме научи на многу нешта. Денес, колку и парадоксално да звучи, во нашето семејство има повеќе сила за работа и живо. Сфативме дека е важно животот да се цени и не отстапуваме од тоа“, изјави Никола.
Кога Кротоне се спаси од испаѓање од Серија А, Никола напиша трогателно писмо посветено до својот син на Фејсбук.