Топка од епски меч на Марадона продадена за 3,3 милиони долари

Очекувањата биле да достигне цена од 10 милиони, колку беше продаден дресот.

Се работи за топката со која Диего Марадона го одигра најпрочуениот натпревар во кариерата, познат по таканаречената „Божја рака“ со која и даде гол на Англија.

Тоа е легендарното четвртфинале на Мундијалот 1986-та кое Аргентинците го добија со 2:1 на Ацтека во Мексико.

По натпреварот, Диего им рече на новинарите дека голот е постигнат „малку со главата на Марадона и малку со раката Божја“.

Само 4 минути подоцна следуваше уште еден гол кој е исто така популарен веќе 40 години, а тоа е „голот на векот“, кога со велеслалом ја прешиша цела англиска одбрана.

Конечните 2:1 ги постави Гери Линекер.

Иако беше продадена за 3,3 милиони долари на аукциската куќа „Херитиџ“ викендов во САД, се очекувало топката да достигне цена од близу 10 милиони долари.

„Тоа е вистински единствен предмет. Веројатно најзначајниот фудбалски предмет што постои“, изјави Мајк Провензале, специјализиран аукционер во Херитиџ.

Инаку топката на крај ја собра Тунижанецот Али Бин Насер, кој го судеше натпреварот и ја чуваше повеќе од три децении.

Во 2023 година, тој потпиша писмо со кое потврди дека тоа била единствената топка што се користела за време на натпреварот, што е потврдено и со понатамошна независна автентикација.

Судијата ја продаде топката во 2022 година за 2,3 милиони долари, а новиот сопственик повторно ја стави на аукција во 2023 година, но тогаш не беше продадена бидејќи понудите не ја исполнија минималната поставена вредност.

Дресот што го носеше Марадона за време на истиот натпревар, на аукција во 2022 година беше продаден за нецели 10 милиони долари.

24 август 2026 - 12:17