Дефанзивецот Тони Хиберт целата своја кариера ја помина во само еден клуб, Евертон. Таму тој настапува цели десет години и има одиграно 309 официјални натпревари, но сето тоа време тој нема постигнато ниту еден гол.
Навивачите на Евертон чекаат на неговиот прв гол веќе десет години, а во последните неколку години тие редовно на натпреварите ги носат своите знамиња и маички на кои е испишана пораката „Хибо дава гол, ние правиме неред".
Тоа и се случи и тоа токму на натпреварот на кој беше одбележана десетгодишницата од неговото играње за клубот. Челниците на Евертон и навивачите на клубот го искористија пријателскиот натпревар против АЕК за да му се заблагодарат на Хиберт за неговата лојалност, а тој им возврати со погодок.
Тони Хиберт беше стрелец на последниот гол при победата од 4:1, а како што ветија, навивачите направија инвазија на теренот.
Сепак ова е само гол на пријателски натпревар, а Хиберт останува без погодок на официјален меч. Можете ли да замислите што ќе се случи кога тој ќе постигне гол на официјален натпревар?