Тешка глупост е ова што меч од шпанско ќе се игра во Америка

Го наумија и со цел памет ќе го реализираат. Да не му се верува на човек. Жирона и Барселона во рамките на натпревар од Ла Лига ќе се сретнат во Мајами. Значи не на летна турнеја, туку во домашно првенство. Зошто? За пари.

Стадионот Хард Рок во Мајами на 27 јануари 2019-та година ќе може да се пофали дека ќе биде домаќин на меч од шпанското фудбалско првенство. Внимавајте убаво, меч од шпанско во Америка.
 
Се работи за средбата меѓу Жирона и Барселона која официјално ќе се игра надвор од Шпанија. Ова е историски, но истовремено и чуден и нелогичен потег за играчите и навивачите кои никој не ги прашува.
 
Зад него стои 15 годишен договор меѓу Ла Лига и мултинационалната медиумска, спортска и ентертејмент групација Релевант од Мајами, според кој барем еден натпревар треба да се игра во САД, а целта е популаризирање на шпанскиот фудбал во Северна Америка.
 
На оваа идеја, која за жал не е само идеја, туку и план кој дефинитивно ќе се реализира за нешто помалку од пет месеци, неодамна се чудеше и тренерот на Барселона.
„Ми звучи чудно тоа што ќе играме домашен натпревар во странство. Исто така ми е чудно кога играме Супер Куп на Шпанија надвор од земјава. Можеби еден ден Супер Купот на Мароко ќе се игра во Шпанија, па ќе биде уште почудно. Фудбалот веќе ги мина границите како спорт и стана нешто друго“, изјави Ернесто Валведере.
И сега сигурно се прашувате, како навивачите на Жирона ќе го бодрат својот тим кој на божемски ќе биде домаќин. На 1.500 навивачи кои имаат сезонски карти ќе им бидат понудени бесплатни авионски билети и хотелско сместување, само ќе треба да уплатат 500 евра кои ќе им бидат вратени после патувањето.
 
Оние кои нема да сакаат да патуваат на Флорида ќе им бидат понудени билети за дуелот на Камп Ноу, како и рефундирање на 20% од сумата која ја дале за сезонска карта. За тие пак кои ќе одбијат да одат и во Мајами и во Барселона ќе добијат назад 40% од парите кои ги ги дале за сезонска.
 
Според шпанскиот весник Спорт, Жирона ќе направи околу 4 милиони евра ќар од првиот “домашен“ натпревар во Ла Лига, надвор од Шпанија, а лигата се надева дека ќе улови долгорочни спонзори и фанови како дел од растечкото присуство во САД.
Жирона е во сопственост на City Football Group која го поседува и Манчестер Сити. Тие имаат 44,3% акции во Жирона кои ги купија во август 2017-та, а уште 44,3% поседува Пере, кој му е брат на Пеп Гвардиола.
 
Унијата на фудбалери од Шпанија неодамна имаше состанок на кој го изразија својот револт за оваа одлука на шпанските фудбалски власти кои ја донеле без да ги консултираат. Меѓу нив беа и Рамос и Бускетс.
 
Но кој ги прашува нив, фудбалот се повеќе се игра за пари, а не за навивачите. Оди на Германец изнуди му ја оваа глупоштија.
5 септември 2018 - 11:23