Теророт со кој се соочил Тоти во очи на СП 2006

На 27 септември во продажба излегува книгата „Un Capitano“, посветена на еден од симболите на италијанскиот фудбал. Има еден извадок каде Тоти раскажува за најтешката повреда во неговата кариера која му направила голем стрес и му стоела на патот до Мундијалот кој го освои.

Четвртата и последна светска титула на Италија пред 12 години е белег на една златна генерација на легендарни фудбалски имиња како што во моментов ретко ги има во таборот на нивниот национален тим.
 
На толку квалитетни и влијателни имиња тешко е да се издвои лидер од тој тим, но еден од нив беше сигурно Франческо Тоти. На нешто помалку од четири месеци до стартот на тоа Светско кое се одржа во Германија, Тоти имал страшна повреда за која раскажува во својата автобиографија.
Патот до титулата ми почна на 19 февруари 2006-та, неколку минути по мечот Рома - Емполи. Тоа беше првата година на Спалети. Бевме во фантастична серија од 9 победи по ред и никој не мислеше сериозно дека тие можат да не сопраt, особено што потоа следуваше дерби против Лацио на кое сакавме да влеземе победнички со уште поголема самодоверба.
Ме чуваше Ричард Ваниљи, кој вообичаено не е стартер, а ниту дете, но игра со голем ентузијазам и се бори за место во тим. Ми направи три фаули во рок од 5 минути, по што судијата Месина му даде жолт картон, не затоа што стартовите беа опасни, туку затоа што секој фаул беше за свирење. Само една минута подоцна ми го направи четвртиот прекршок. Ме фаулираше од позади на средна од теренот. Toa ќе беше само уште една модринка ако левото стопало не ми заглавеше на земја, а телото не ми отидеше напред. Во тој момент ја сконтав катастрофата на падот на ногата и потоа за прв пат во мојот живот сфатив што е паника. Терор невиден до тогаш и страшно чувство дека сè е готово со кариерата.
 
Во болница ме пречека Илари која беше вознемирена. Се чувме на телефон пред да се загревам додека таа беше во кола и одеше накај аеродром за да стигне на проба за фестивалот Санремо. Но сепак се врати за да биде со мене. Ме гушна и ми рече дека доктор Мариани веќе е тука и ги анализира снимките. Се држевме околу 5 минути за рака во кои се обидуваше да ме утеши и тука мислам дека го платив цел стрес. Почнав да плачам без престан, а потоа се сеќавам дека се појави Мариани и без да каже здраво само рече: За 10 минути салата е спремна, веднаш ќе те оперираме Франческо.
 
Постоеше ризик Тоти да го пропушти Мундијалот, но се врати на 11 мај, еден месец пред стартот на СП и влезе како замена во финалето на италијанскиот Куп кое Рома го загуби од Интер.
 
На неговиот глужд беше прицврстена метална плочка, а докторите решија да не го оперираат повторно, истакнувајќи дека откако ќе му ја извадат, тоа нема да влијае на неговата игра. Потоа доби третмани за забрзано опоравување по кое се појави во Германија. Останатото е историја.
21 септември 2018 - 13:19