Тандемот Филип Талески – Арсиќ го трасираше патот до нова победа за Металург во елитното друштво со кое избраниците на Лино Червар имаат реални шанси да се пласираат во следната фаза. “Металурзите“ првото полувреме го добија по голема борба, со голот во последната секунда од првиот дел на Филип Талески за 11-10.
Самиот почеток на мечот покажа дека Металург ќе треба да помине долг пат за да освои драгоцени бодови. Татран Прешов поведе со 0-3. Цели 10 минути на Металург му требаа да го постигне првиот гол и тоа преку Талески за 1-3.
Од тој момент Гуглета направи голем удел во резултатската рамнотежа и со три погодоци Металург израмни на 5-5. Изедначениот дуел продолжи, грешките на Словаците момците на Червар не ги казнеа, но за среќа македонскиот клуб на голот го имаше Дарко Арсиќ кој бранеше одлично.
Откако домаќините го добија првото полувреме со 11-10, во вториот дел ја консолидираа одбраната на што следствено реагираше и офанзивата за големо водство од 15-10.
Металург ја одржуваше предноста до крај а најзаслужен за таквиот расплет беше токму Арсиќ. Во меѓувреме најголемиот талент на мак-ракометот Филип Талески го постигна деветтиот гол за 20-16 по што Металург имаше отворен пат до победата. На крајот конечни 23-17 за Металурзите на крилата на 10-те гола на Талески. Гуглета даде пет а Обрадовиќ четири. Арсиќ запиша 14 одбрани. Кај гостите најефикасен беше Рабек со шест гола.