Светско првенство за сите навивачи

Ова е насловот на полисата за навивачи која ја претстави маркетинг директорот на ФИФА Тиери Вејл. Тој се пофали дека Мундијалот во Бразил имал најевтини билети во однос на сите други големи спортски светски случувања и дека нема да бидат гратис ниту за самите спонзори на првенството.

Големата фудбалска треска за Светското првенство во Бразил само како загревање започна на 20 август откако за само седум часа имаше над милион барања за влезници од целиот свет, а дури 480.000 билети беше побарувачката за финалниот натпревар кој е закажан за 13 јули.

Како продолжение на денот кога започна продажбата на влезниците за најголемото фудбалско случување, маркетинг директорот на ФИФА ја објасни политиката на продажба и вели дека Светското првенство е за сите навивачи, како што впрочем и се вика навивачката полиса.

За да ги осигура навивачките групи кои ќе патуваат за да ги бодрат своите земји учеснички тој рече дека за нив се обезбедени по 8% за сите натпревари или вкупно 16% за двете групи на навивачи за сите 64 натпревари кои ќе се одиграат идното лето.

Споредбено со останатите големи спортски настапи Вејл изјави дека ФИФА нудела најевтини карти. За Светското првенство во Хокеј на пример, за меч од групната фаза помеѓу Белорусија и Финска навивачите морале да плаќаат од 205 и 258 долари. 

Влезниците за една трка во Формула 1 шампионатот кога се одржува во Бразил чини од 500 па се до 7100 долари, а најевтина карта за Супербол е 1920 долари. За оние кои ја сакаат Атлетиката, финалните мечеви на Олимписките игри чинат од 75 до 1100 долари, а да присуствувате на церемонијата на затворањето, тоа задоволство е од 234 до 2300 долари.

Светската куќа на фудбалот за најголемиот фудбалски настан кој се одржува на секои 4 години понуди поевтини карти, па така за домашните навивачи меч од групната фаза ќе чини од 15 долари па нагоре, а за сите други навивачи најевтиниот билет е од 90 долари.

Финалната пресметка на стадионот Маракана која ќе нагости 73.000 публика се движи од 80 долари за бразилските навивачи, а најевтините за странците се 440 долари.

Маркетинг директорот потсети дека на минатиот Мундијал во Јужна Африка 77% од билетите биле продадени директно на публиката од кои 32% биле наменети за навивачи од Африка со најниски цени. За идното Светско првенство тој тврди дека билетите нема да бидат гратис за спонзорите кои ќе треба да и објаснат на ФИФА за какви промотивни цели ќе сакаат да ги користат.

14 септември 2013 - 21:02