Англиската Премиер лига ја чекаат големи промени. Досегашниот успешен шеф на Премиер лигата (од 1999-та) Ричард Скадемор оди во пензија. На почеткот на неговиот мандат Премиер лигата годишно заработувала по 25 милиони фунти, а сега зема повеќе од милијарда фунти годишно и тоа во најголем дел благодарение на Скадемор.
Интересно, пред неколку дена од раководството на Премиер лигата стигнала идеја секој клуб да даде по 250.000 фунти со цел да се собере сума од 5 милиони фунти како подарок за пензионираниот Скадемор.
Asking Fulham, Cardiff and Wolves to pay Richard Scudamore £250,000 each is like when Ross moved into his building in Friends and was immediately asked to chip in $100 for the retiring handyman
— Emlyn Begley (@EmlynBegley) November 15, 2018
На негово место наскоро доаѓа Сузана Динејџ (51), која од 2009 година работела на каналот Discovery, била претседател на Animal Planet каналот за животот на животните и била главен менаџер во компанија за информациска технологија.
Сузана Динејџ во телевизиската индустрија е околу 20 години. Таа својата кариера ја започнала на MTV, а десет години работела за Channel Five.
Динејџ живее во Западен Лондон и таа веќе неколку години поседува сезонска влезница за натпреварите на Фулам, но никогаш досега не работела во фудбалската индустрија.
Минатата година јавноста на големо дознала за Сузана Динејџ благодарение на проблемот на релација Discovery-Sky. Во јануари 2017 Discovery привремено ги повлекол своите канали од кабелската платформа поради тоа што Sky сметал дека Discovery имал низок рејтинг и дека треба да има ревизија на договорот.
Имало и верзија според која Sky сакал на тој начин да ги покрие расходите кои ги има во зделките со англиската Премиер лига (5 милијарди фунти годишно).
Динејџ тога настапила агресивно кон Sky и рекла дека иднината на британската телевизија е загрозена. Во февруари истата година двете страни се договориле и Discovery го добил тоа што го барал.
Со Сузана Динејџ Discovery ја почнал и борбата со Sky за спортскиот пазар - особено по добивање права за целосна контрола над каналот Eurosport. Во 2015 Discovery заедно со BBC неочекувани ги откупил правата за пренос на Олимписките Игри за милијарда фунти.
Повеќето премиерлигаши го поддржуваат назначувањето на Сузана Динејџ за шеф на лигата. Брус Бак, шефот на Челси и шеф на комитетот на лигата вели:
„Многу сум радосен што назначивме така способен лидер на таа позиција. Имавме сериозна конкуренција, но Сузана е прав избор. Таа знае да управува со сложениот бизнис. Сузана е водечка фигура во телевизиската индустрија, проверен раководител е, умее да ја препознае способноста на луѓето. Неа идеално и лежи оваа улога и уверени сме дека е способна да ја донесе Премиер лигата до нови висини“, рекол Бак.
Познато е и дека Динејџ ја предложиле раководителот на BBC Studios Тим Дев и директорот за стратегија на ITV Том Бетц. Еден од кандидатите за ова место бил и поранешниот премиер Тони Блер но од оваа варијанта брзо се откажале.
КАКВИ ЌЕ Ѝ БИДАТ ЗАДАЧИТЕ НА СУЗАНА?
Динејџ ќе започне со работа од јануари 2019 година. Ја чекаат сериозни проблеми и предизвици.
Најглавно е да ја спаси Премиер лигата во смисла англиските топ клубови да се откажат од идејата за некаква Супер лига која би ја играле најбогатите и најмноќните клубови од светот.
Клучен момент за ова е балансирана распределба на приходите од продажбата на меѓународни права на преноси. Големата шестка на англискиот фудбал (Манчестер Јунајтед, Манчестер Сити, Ливерпул, Челси, Арсенал и Тотенхем) сакаат многу повеќе од колачот а тоа не им се допаѓа на останатите.
Сузана ќе треба да го реши и проблемот настанат по Брегзит. Во моментов фудбалерите со пасош од ЕУ можат неограничено да играат за англиските клубови, но кога Британија ќе го напушти европскиот сојуз, таа опција нема да биде на сила.
Ќе треба да се донесат правила и да се задржат европските фудбалери во сегашниот статус, а за тоа ќе треба напорна правна работа.
Дали ќе се донесе лимит на играчи од Европската унија или не, е едно до главните прашања. Премиер лигата одново сака да ги ограничи работните визи за фудбалерите кои се од земјите надвор од европскиот сојуз.
Фудбалската асоцијација на Англија во моментов дозволува максимум 17 регистрирани играчи кои доаѓаат надвор од Европската унија.
Сузана ќе треба и да ги формулира новите правила за работата на агентите (менаџерите). Минатата година агентите заработиле околу 211 милиони фунти (дури 37 повеќе од предминатата година). Ова ја разгневило и ФИФА и челниците на сојузите кои сметаат дека „џаболебари“ како менаџерите не работат ништо а земаат грдни пари.
Ќе треба да се работи и на воведување на VAR системот кој веќе го има во речиси сите големи европски лиги. Англиската Премиер лига долго време размислуваше за ова а Динејџ смета дека треба да се направи решавачки чекор и да се воведе овој систем.
Во секој случај, Сузана ја чека многу напорна работа, а тие што ја предложиле „се колнат“ дека таа е прав избор за местото претседател на англиската Премиер лига.