Станува збор за чудниот пресврт на Марко Антонио Родригез Ромер, познат меѓународен судија кој доаѓа од Мексико. Познат е по тоа што ги судеше натпреварите на кои Луис Суарез го гризна Кјелини (Италија - Уругвај) и германската рапсодија против Бразил (1:7).
По завршувањето на овој Мундијал, Марко Антонио Родригез се повлекол од судењето и почнал да учи за тренер. Пет години подоцна, еве го неговото тренерско деби: ќе ја води шпанска Саламанка.
Шпанска Marca ги пренесува неговите први зборови како тренер: „Прво почнав да посетувам курсеви и потоа полагав за УЕФА тренерска лиценца со мастер во Шпанија. Ја добив оваа шанса и тоа е најголема која што можев да ја посакам. Работев долги години и сега сонувам Лига на шампиони, затоа што не постојат граници коа желбите се во прашање. Би сакал да ја водам репрезентацијата на Мексико и уште многу други“.
Ќе видиме како ќе се однесува со судиите кои до вчера му беа колеги, а сега ќе ги гледа низ друга призма.
„Секако дека ќе имам максимална почит за судиите дури и ако грешат. Тоа ќе биде мој тренерски стил“, вели Родригез, ама не е ни прв ни последен кој го рекол тоа.