Суазо со солзи го напушти фудбалот

Поранешниот голгетер на Каљари кој во 2006 година постигна 22 гола во Серија А и заедно со Кака ја поделија наградата за фудбалер на годината во Италија, се повлекува од терените поради големиот број на повреди.

Давид Суазо кој најголемиот дел од својата кариера го помина во италијанското првенство, веста за пензионирањето ја соопшти од неговата родна земја Хондурас на 33 годишна возраст. Минатата година настапуваше за екипата на Катанија, но поради многуте повреди кои го мачеа имаше само шест настапи.

Најголемиот белег Суазо го остави во тимот на Каљари каде на 255 меча постигна 94 гола. По големиот интерес на Милан и Интер, тој за сума од 18 милиони евра потпиша за „Нероаѕурите" кои во тоа време беа предводени од Роберто Манчини.

По заминувањето од „Џузепе Меаца" Суазо поради големиот број на повреди не успеа да си ја пронајде посакуваната форма. Беше позајмен во Бенфика каде на 12 настапи постигна 4 гола, а потоа и во Џенова постигна само 3 погодоци.

За екипата на Катанија имаше само 6 настапи, а најголемиот успех со селекцијата на Хондурас го оствари на „Копа Америка" во 2001 година кога го освои третото место.

1 април 2013 - 16:36