Ставете ги парите на Франција, никако на Албанија

Американската инвестициска банка Голдман Сакс предлага на кого да типувате на Европското првенство, но предупредува дека нема ништо сигурно во фудбалот.

Фудбалската репрезентација на Франција има 23% шанси за да го искористи домашниот терен и да го освои Еврошампионатот, сметаат аналитичарите на Голдман Сакс.

Мултинационалната банка од Њујорк, која инаку постои од 1869-та потфрли со прогнозите на Мундијалот пред две години. Тогаш за апсолутен фаворит го сметаа домаќинот Бразил на кој му искалкулираа 48,5 проценти можност дека ќе го освои Светското и дека во финале ќе го совлада големиот ривал Аргентина.

Но Бразилците беа посрамотени во полуфиналето со пораз од 7:1 од Германија, а неочекуваната рана елиминација на Шпанија и Италија во групната фаза ја нарекоа „шармантна непредвидливост“.

Фудбалот го нарекуваат стохастички, што значи дека е во согласност со широкиот спектар на веројатност, но не може да се предвиди со точност. Тие велат дека е тешко да се процени колку верба може да се даде на овие предвидувања.

Светскиот првак Германија го сметаат за втор фаворит на ова Европско кој според нив ќе го загуби финалето од Франција поради предноста на домашен терен и поголемата поддршка од навивачите.

На Англија и предвидуваат пласман во полуфинале до кое ќе стигнат по триумф во четвртфиналето над Португалија. На Велс и Северна Ирска и даваат 0,1% шанса дека ќе стане Европски првак, а помали шанси од нив за трофејот имаат само Албанците.

Слични се и овие предвидувања.

6 јуни 2016 - 14:11