Стари на млади, кој би тепал?

Од вкупно 552 играчи кои ќе се појават на Европско, УЕФА ги состави најдобрите два тима. Едниот со фудбалери до 21 година, а другиот со над 35 години. Можност плус да видиме кои таленти треба да блеснат, а кои ветерани веројатно ќе се простуваат од Еврошампионатите.

На ЕП 2016 има само 10 младинци до 21 година, па затоа голманот кој го избраа е 22 годишниот Серхио Рико кој брани за Шпанија. Најмлад е тинејџерот на Манчестер Јунајтед Маркус Рашфорд кој на денот кога ќе дебитира за Англија ќе има 18 години, 7 месеци и 12 дена.

Во напад друштво би му правеле неговиот клупски колега Ентони Мартиал кој е повикан за Франција како и Турчинот Емре Мор, третиот најмлад играч на ова Европско кој деновиве стана нов играч на Борусија Дортмунд.

Ова би бил многу офанзивен состав со оглед на тоа што покрај триото во напад, во среден ред се Коман од Баерн Минхен и Деле Али од Тотенхем. 

Кај ветераните изборот на УЕФА бил поголем бидејќи има 21 фудбалер со над 35 години. Во најдобриот тим нема место за Габор Кираљи, а причината е Џиџи Буфон. Унгарскиот голман кој на 1 април наполни 40 години ќе стане најстар играч во историјата на Европските првенства. Рекордот го држи Лотар Матеус кој на ЕП 2000 играше на 39.

Триото во напад е формирано од Адуриз (Атлетик Билбао), Кин (Галакси) и Гудјонсен (Молде), а интересно би било да се види како тројцата млади и надежни таленти би ја пробиле искусната одбрана каде има тројца од Јувентус кој ја заврши сезоната со 0,53 примени голови по натпревар.

На клупите би седеле Рој Хоџсон кој е најстар со 69 години и Леонид Слутски кој ја води Русија на 45 години. Што би се случило доколку се судрат овие два тима, ќе победи искуството или младоста?

9 јуни 2016 - 12:38