Главниот проблем на Бразил кој е организатор на Светското фудбалско првенство идната година сега претставува стадионот во Сао Паоло. Челните луѓе на ФИФА не толерираат доцнење, но според зборовите на главниот инженер, 31 декември кој е даден како краен рок за изградба нема да биде испочитуван, затоа што е потребно дополнително време за монтирање на седиштата со кои треба да се зголеми капацитетот.
За Купот на Конфедерации кој почнува ова лето на 15 јуни и кој практично претставува генерална проба за Мундијалот, Бразилците само два од вкупно 6 стадиони успеаа да ги завршат на време, но затоа пак не доцнат со другите услуги, оние интимните.
Веќе 300 проститутки ги посетуваат бесплатните часови по англиски јазик кои се организирани од страна на општинските власти, а домаќините на овој начин сакаат да покажат дека се грижат за сите услуги кои ќе бидат како понуда во Бразил.
„За колешките е важно да комуницираат со клиентите за да ги разберат нивните желби. На почетокот учат општи термини, но понатаму ќе совладаат и други термини кои е важно да ги знаат“, изјави Сида Виеира, претседателка на локалниот синдикат на проститутките.
Инаку на стадионите во Бразил се монтираат и посебни седишта за дебелите навивачи, па така стандардните седишта ќе бидат наменети за луѓе до 120 килограми, а специјалните ќе можат да издржат и луѓе од 250 кг.